Православната црква на Украина (ПЦУ) ја основа првата „Капеланска мисија на Православната црква на Украина“ во Чешка, со што го прекрши Томосот за автокефалност што ѝ беше доделен од Цариградската патријаршија.
На социјалните мрежи се појави соопштение за основањето на оваа „капеланска мисија“, која ќе делува во градот Брно, во Чешка. Организаторите ја претставуваат како духовна поддршка за украинските верници кои живеат во Чешка.
Но, Томосот што Цариградскиот патријарх Вартоломеј го додели во 2019 година, јасно предвидува дека ПЦУ нема право да основа парохии или црковни структури надвор од територијата на Украина. Напротив, таму се наведува дека прекуокеанските парохии на ПЦУ паѓаат под директна јурисдикција на Цариградската патријаршија.
Чешка и Словачка се јурисдикција на автокефалната Православна Црква на Чешките земји и Словачка, која е единствената канонски призната Православна Црква на оваа територија. Оваа Црква доби автокефалност во 1951 година од Руската православна црква; во 1998 година таа автокефалност ја призна и Цариградската патријаршија.
Бидејќи целата територија на Чешка и Словачка е под една јурисдикција, не може да се создаде друга православна структура таму без знаење и согласност на Синодот на Црквата на Чешките земји и Словачка и на нејзиниот поглавар, митрополитот Прешовски Ростислав.
Важно е да се нагласи дека Православната Црква на Чешките земји и Словачка не ја признава Православната црква на Украина (ПЦУ) како канонска, исто како и поголемиот дел од останатите помесни Православни Цркви. Заради тоа, секоја активност на ПЦУ на канонската територија на Црквата на Чешките земји и Словачка се смета за нелегитимна.
Во соопштението за т.н. „капеланска мисија“ на ПЦУ се наведува дека нејзината цел е грижа за украинските верници во Чешка. Но, треба да се знае дека Православната црква на Чешките земји и Словачка, уште од почетокот на конфликтот во Украина, обезбедува духовна, материјална и хуманитарна помош за украинските бегалци што најдоа засолниште во Чешка и Словачка поради војната. Православната Црква на Чешките земји и Словачка дозволи да се служат богослужби на украински јазик и да се користи украинско црковно пеење во нејзините парохии. Таа, исто така, обезбеди хуманитарна помош и за бегалците и за самата Украина.
Извор: https://uoj.news/en/news/85087-ocu-creates-church-structure-in-czech-republic-violating-tomos
