Пет поглавари на Православни Цркви на конференцијата на „Теологија“ во Солун

Петмина претстоители на помесни Православни Цркви присуствуваа на отворањето на научната конференција по повод 100 годишнината од основањето на списанието „Теологија“, на Светиот синод на Црквата на Грција, во Солун, на 29 септември 2025 година.

На свеченото отворање што се одржа во храмот „Св. Димитриј“ присуствуваа: Цариградскиот Патријарх Вартоломеј, Бугарскиот Патријарх Даниил, Архиепископот Атински и на цела Грција Јероним, Архиепископот Кипарски Георгиј и Архиепископот Албански Јован. Присутни беа и претседателот на Грција Костантинос Тасулас, делегации од Србија, Романија, Бугарија, Полска и други земји, и голем број архијереи, теолози и научници.

Конференцијата ќе трае неколку дена и е насочена кон интеракцијата помеѓу теологијата, општеството и технологијата во современата ера, особено разгледувајќи ги предизвиците што ги носат вештачката интелигенција и дигиталната трансформација.

На отворањето свое обраќање имаше Цариградскиот Патријарх Вартоломеј, кој истакна дека теологијата е должна да го пренесува „неповредено евангелското послание“, приспособувајќи се на условите на времето без да ја менува нејзината суштина.

„Сведоштвото на Црквата во светот не значи нужно секуларизација. Никогаш во историјата човештвото не доживеало толку радикални промени во начинот на живот како во нашево време. Технологијата ја преобликува политиката, уметноста, личните односи и нашето секојдневие“ – нагласи Патријархот.

Потоа се обрати претседателот на Грција, Константинос Тасулас кој се осврна на способноста на теологијата да придонесе во јавниот дијалог за технологијата. „Православната теологија може да даде промислен придонес во прашање што силно ја окупира науката: последиците од развојот на технологијата. Овој развој произведува тектонски промени во јадрото на човештвото“, нагласи тој, додавајќи дека големиот предизвик не е самиот прогрес, туку „како и со која цел ќе го користиме“.

Претседателот праша дали технологијата ќе биде средство за заедништво или фактор за изолација и зависност. „Човекот не е само биолошко суштество; тој е личност во слобода. Вештачката интелигенција нема слободна волја и искуство, таа не може да даде смисла на светот, само да го обработи. Но, не ја демонизираме. Таа е врвно достигнување и очекуваме да му служи на доброто преку плоден дијалог на теологијата и технологијата“, подвлече Тасулас.

Се обрати и поглаварот на Црквата на Грција, Архиепископот Јероним, кој посочи дека технологијата не е неутрална, туку носи во себе одредени вредности и сфаќања.

„Технологијата не е обична алатка; таа носи начин на кој го разбираме светот. Дури и кога ја користиме за добро, таа нè учи да го гледаме човекот и општеството низ призмата на брзината и ефикасноста. Технологијата што ја знаеме се разви во капитализмот и од почеток ги носи неговите цели: приоритетот на профитот“ – рече тој.

Архиепископот потсети дека, и покрај придобивките на технологијата во здравството и секојдневието, постои ризик да се обезвредни човечкиот фактор: „Технологијата ја заменува живата човечка средба со слика. Но, човекот не е машина ниту производ; тој е икона Божја. Мерилото е секогаш човекот. Технологијата може да ја измени светската историја, но нема никакво влијание врз последните нешта“.

Присуството на Претстоителите и на државниот врв на отворањето на конгресот ја покажува важноста на дијалогот што се отвора. Тој дијалог не се однесува само на теологијата, туку и на начинот на кој општеството го разбира и управува со технолошкиот прогрес. Во ера кога вештачката интелигенција навлегува во образованието, работата, медицината, па дури и во политиката, Црквата е повикана да даде одговор на новите прашања: Како верата може да коегзистира со дигиталната револуција? Кои се границите на технологијата кога станува збор за човечкото достоинство? И како се зачувува духовниот елемент во свет каде што владеат податоците? – се вели во известувањето на „Вима Ортодоксиас“.

Извор: https://www.vimaorthodoxias.gr/oikoumeniko-patriarxeio/pente-prokathimenoi-kai-o-proedros-tis-dimokratias-stin-enarxi-toy-synedrioy-tis-theologias-i-orthodoxia-anoigei-dialogo-me-tin-technologia/