Писмо на Бугарскиот патријарх Даниил до архиепископот Дамјан, игумен на Синајската света обител

Неговата Светост Патријархот Бугарски г.г. Даниил на 3 јуни годинава упати писмо со поддршка до Претстоителот на автономната Синајска Архиепископија, игуменот на манастирот „Св. Екатерина“, на Синајската гора. Во писмото ја изразува својата поддршка, во врска со актуелните потешкотии со кои се соочува овој историски манастир, а за што веќе известивме.

Во продолжение ова писмо објавено на интернет страницата на Бугарската Православна Црква го пренесуваме во целост.


До Неговото Високопреосвештенство
Архиепископот на Синај, Фаран и Раит г. Дамјан
Игумен на манастирот „Св. Вмч. Екатерина“
Синајска гора

Ваше Високопреосвештенство,

Со особена загриженост и сочувство ги следиме настаните од изминатите денови во врска со неодамнешната судска одлука на египетскиот суд. Со својата непрекината монашка традиција која трае веќе 1500 години, Синајската света обител „Света великомаченица Екатерина“ претставува светилиште од огромно историско значење и со непроценлива вредност за целата Православна Црква. Особени се врските на нашиот бугарски народ со Синајската света обител, во која се чуваат неколку десетици уникатни старобугарски ракописи. Во текот на вековите, манастирот „Света Екатерина“ бил омилено место за поклонување на православните христијани од Бугарија.

Сакаме да ја изразиме нашата братска молитвена поддршка до Вас и до целото монашко братство на древната Синајска света обител во овие денови на искушенија. Светата обител „Св. Екатерина“ е место на духовен подвиг на нејзините браќа и никако не може да се смета за музеј кој е државна сопственост. Ние ја искажуваме нашата цврста поддршка за правото на сопственост врз манастирот, врз сиот негов недвижен и движен имот, кое отсекогаш му припаѓало и сѐ уште му припаѓа на неговото монашко братство. Неоттуѓивоста на црковниот имот, а особено на манастирската сопственост, е принципиелна положба која произлегува од светите канони на Црквата, утврдена е од древното империјално законодавство и е загарантирана од современиот демократски правен поредок. Монашкото братство е единствениот управител на сопственоста на светата обител. Таа е негов дом, место на покајание и доживотно служење!

Срдечно се молиме нашиот Господ Бог и Спасител Исус Христос, по молитвите на Пресвета Богородица, на света великомаченица Екатерина и на сите светии што засјаале на Синајскиот Полуостров, да ја запази Својата света обител од нападите на лукавиот и да го заштити нејзиното монашко братство!

Се препорачуваме во Вашите свети молитви и остануваме на Вашето Високопреосвештенство со љубов во Христа,

† Даниил, Патријарх Бугарски

Извор: https://bg-patriarshia.bg/news/pismo-na-balgarskia-patriarh-daniil-do-arhiepiskop-damian-ig