Писмо од Ловчанскиот митрополит Гавриил до Черкаскиот митрополит Теодосиј

Високопреосвештениот Митрополит Ловчански г. Гавриил од Бугарската православна црква испрати писмо со сочувство и поддршка до Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Черкаски г. Теодосиј, од Украинската православна црква (УПЦ), кој беше физички нападнат и повреден при неодамнешното насилно и дивјачко одземање на храмот на Украинската православна црква во Черкаси, централна Украина, од страна на голема група маскирани мажи во војнички униформи, меѓу кои имаше и свештеници на Православната црква на Украина (ПЦУ), чија автокефалност е доделена од Цариградската патријаршија.

Во продолжение ова писмо го пренесуваме во целост.


До Неговото Високопреосвештенство Теодосиј, митрополит Черкаски и Каневски, на канонската православна црква во Украина

Ваше Високопреосвештенство,

Возљубен во Господа владика Теодосиј,

Со голема тага дознавме за големата трагедија што го снајде Вашиот православен град Черкаси – насилното одземање на соборниот храм на УПЦ, „Св. Архангел Михаил“, што се одвивало во две фази, по повик од градоначалникот. На 17 октомври, околу 3 часот по полноќ, стотина луѓе во маскирни униформи и со качулки упаднале во храмот каде што биле собрани православните христијани и се служела Света Литургија. Верниците, предводени од Вас – својот архијереј, успеале да го спречат заземањето на храмот, но во утринските часови истиот ден нападот бил повторен. Тогаш, освен физичка сила, напаѓачите употребиле и солзавец. Дознавме дека и Вие лично сте биле повредени за време на нападот, така што Ви бил нанесен удар по главата, а бил користен и солзавец против Вас. Како резултат на тоа, сте изгубиле свест и морало да бидете хоспитализиран. Повредени се и многу верници, меѓу кои и еден постар монах кој бил сурово претепан. Била повикана полицијата, но никако не ги заштитила верниците во храмот од агресивните, насилни дејства на напаѓачите. Тука се потсетуваме на зборовите на светиот апостол Павле за тоа, каква треба да биде вистинската праведна власт: „Затоа, началниците не се страшни за добрите дела, туку за лошите; сакаш ли, пак, да не се боиш од власта, тогаш прави добри дела, па ќе добиеш и пофалба од неа; оти таа е слугинка Божја, за твое добро. Ако, пак, правиш зло, тогаш стравувај, бидејќи тој не носи залудно оружје; тој е служител Божји и со гнев се одмаздува на оној што прави зло“ (Рим. 13, 3-4).

Ваше Високопреосвештенство, во нашата епархија од 2022 г., за време на светата Литургија, во црквите и манастирите се молиме за мир во братска Украина. Се молиме и за братската Украинска православна црква, Господ да ја заштити од насилство и да ѝ даде можност во нејзините цркви и манастири да се моли како и досега за својата православна татковина, за народот и за целиот свет.

 Ги просиме Вашите свети архипастирски молитви.

 Со љубов во нашиот Господ Исус Христос,
Ловчански митрополит Гавриил

Извор: https://predanie.bg/новини/акценти/2529-писмо-на-ловчанския-митрополит-гавриил-до-черкаския-митрополит-теодосий