Светејшиот Патријарх Московски и на цела Русија Кирил испрати писмо до Светејшиот Патријарх Српски Порфириј во врска со богохулниот настан на косовските Албанци на урнатините на древната Улпијана, во кое се вели:
До Неговата Светост,
Светејшиот Порфириј, Архиепископ Пеќки,
Митрополит Белградско-Карловски, Патријарх СрпскиВашата Светост, возљубен во Господа Брате и Сослужителе пред престолот Божји!
Со длабока горчина дознав за богохулниот настан што неодамна го спроведоа косовските Албанци на урнатините на древната Улпијана.
Композицијата од три крста, која потсетува на настаните од светата историја на Голгота, јавно беше предадена на горење на локален фестивал во рамките на евтин, карневалски перформанс. Ова јавно исмевање на симболот на Чесниот Крст е провокација за сите христијани и навреда за нивните чувства: и за православните, и за католиците, меѓу кои има и косовски Албанци.
Овој гнасен чин се случи во Косово и Метохија – во светата српска земја, за чија дехристијанизација одамна и упорно се борат непријателите на Крстот Господов и Светото Православие.
Чедата на Руската Црква се сеќаваат на многуте српски браќа и сестри, убиени или протерани од својата татковина, на илјадниците уништени крстови и надгробни споменици на српските гробишта, на стотиците храмови и манастири на Црквата на Свети Сава, осквернети, запалени или урнати од екстремистите.
Секогаш се молам за добро здравје на Вашата Светост и за дарување сила на Вашето христољубиво паство, кое претрпува угнетување и страдање во земјата на Стара Србија. Бог на милосрдието и на секоја утеха (2 Кор. 1, 3) да ги заштити Вашите деца и да избрише секоја солза од нивните очи (Откр. 7, 17), зајакнувајќи ги во искушенијата и штитејќи ги од секоја несреќа и опасност.
Со братска љубов во Господа,
+Кирил,
Патријарх Московски и на сета Рус