Писмо со сочувство од Бугарскиот до Антиохискиот патријарх

Неговата Светост Патријархот Бугарски г.г. Даниил испрати писмо со сочувство до Неговото Блаженство Патријархот Антиохиски и на целиот Исток г.г. Јован Десетти, по повод терористичкиот напад врз храмот „Св. Илија“ во Дамаск. Ова писмо подолу го објавуваме во целост.

Поддршка и сочувство испратија и сите други претстоители на помесните Православни Црква.


Ваше Блаженство,

Возљубен во Христа Брате и Сослужителе,

Со огромна душевна болка и скрушено срце станавме сведоци на терористичкиот чин на насилство во православниот храм „Св. пророк Илија“ во Дамаск, кој доведе до маченичката смрт на десетици наши браќа и сестри во Христа. Нашите зборови се немоќни пред човечката мака, страдање и жалост. Но истовремено знаеме дека Светата Христова Црква стои врз крвта и подвигот на мачениците. Единственото што можеме да им принесеме на оние што пострадаа заради Христа се нашата вера и љубов: „Што да ви принесеме, маченици Христови, за трудовите и страдањата ваши? Навистина ниту злато, ниту сребро, ниту скапоцени камења, туку самите себе ви принесуваме, како оние што ве љубат, и повикуваме: молете се за нас пред Господа.“

Ваше Блаженство,

Нашите мисли, чувства и молитви се со Вас, со Свештеноначалството, со светиот клир и со богобојазливиот народ на маченичката Антиохиска Патријаршија. Категорично го осудуваме овој безумен чин на демонско насилство! Ги повикуваме државните власти во Сирија да го гарантираат животот, верската слобода и неприкосновеноста на сите христијански заедници во земјата. Се обраќаме до сите национални и меѓународни организации кои можат благотворно да влијаат за запирање на насилството во Сирија и регионот. Се молиме на нашиот Господ Исус Христос, Кој е наша единствена надеж, утеха и прибежиште, за брз мир на Блискиот Исток!

Бог нека го чува многустрадалното паство на древната Антиохиска Патријаршија!

Бог да ги прости невино загинатите!

Да ги имаме нивните свети молитви!

Се препорачуваме на Вашите свети молитви и остануваме,

на Вашето Блаженство, во Христа брат и сослужител,

Претседател на Светиот Синод
+ Даниил
Патријарх Бугарски

Извор: https://bg-patriarshia.bg/news/saboleznovatelen-adres-na-balgarskia-patriarh-daniil-do-anti