Пјухтицкиот манастир одговори на претензиите на естонските власти

Филарета (Калачева) – игуманија на Успенскиот манастир Пјухтица, во Естонија, испрати писмо до министерот за внатрешни работи Лаури Ланеметс, како одговор на барањата манастирот да излезе од јурисдикцијата на Московската патријаршија. Писмото е објавено на веб-страницата на манастирот https://www.puhtitsa.ee/docs/obrashchenie-29.10.2024-Eng.pdf. Игуманијата Филарета објасни дека манастирот не може самостојно да го промени својот статус, бидејќи таквите одлуки мора да се засноваат на црковните канони и да се донесуваат колегијално.

Во обраќањето се нагласува дека манастирските завети: целомудрие, послушност и нестекнување – ја оневозможуваат самоволната промена на начинот на живот на монахињите. Уставот на манастирот забранува промена на јурисдикцијата без учество на црковното раководство, а историјата на манастирот покажува дека одредени промени во неговиот статус се случувале само во врска со историските и државните промени.

„Манастирот останува на претходно искажаното мислење дека нема овластување и права самостојно да се обраќа до патријархот со барање да биде отстранета ставропигијата и пјухтицкиот Успенски ставропигијален манастир да премине во јурисдикција на Константинопол“, – напиша игуманијата Филарета.

Пјухтицкиот манастир е основан во 1891 година. Од 1990 година има статус на ставропигијален, односно непосредно е потчинет на патријархот Московски и на сета Рус.

Во текот на својата историја, манастирот никогаш не бил затворен. Игуманијата изрази надеж дека естонските власти ќе го уважат придржувањето на манастирот кон каноните и отсуството на претензии кон неговата дејност.

Естонските власти веќе неколку месеци бараат од Естонската православна црква, која е автономна во составот на Московската патријаршија, да го промени својот устав и да ги прекине врските со руската Црква. Неодамна, министерот за внатрешни работи Ланеметс предложи нацрт-закон кој би дозволил да се забранат активностите на Естонската православна црква. Говорејќи пред парламентот, министерот изјави дека руската држава ја користи Руската православна црква како инструмент на влијание и притисок врз сопствениот народ и за ширење на пропаганда во странство, вклучително и во Естонија.

Извор: https://gorthodox.com/news-item/pyuhtickij-monastyr-otvetil-na-pretenzii-vlastej-estonii