Планиран православен проект за домување во близина на манастир во Германија

Група православни христијани во Германија започнаа план за создавање станбена заедница во селото Унтеруфхаузен, сместено на околу 30 километри од градот Фулда, во германската покраина Хесен.

Проектот, кој се реализира под името „Лиоба“, има за цел да обезбеди живеалишта за луѓе од сите возрасти — од млади семејства со деца и поединци, до постари лица на кои им е потребна грижа. Според веб-страницата на проектот, планираниот трикатен објект ќе нуди услуга за згрижување на повозрасни жители на сите нивоа на потребна нега.

Објектот ќе биде изграден на имот што се граничи со православниот манастир „Свети Јустин“ на Српската Православна Црква. Жителите ќе живеат во самостојни станови, што ќе им овозможи приватност и независен живот, но истовремено ќе можат да учествуваат во заеднички активности поврзани со молитва, градинарство, црковен живот, кујнска работа и културни настани.

Организаторите на проектот ја опишуваат својата визија како „обединување на разновидни животни стилови во заедништво на православната вера“. Ќе има гостински простории за посетители, како и програми за оние што сакаат да се запознаат со Православието.

Проектот го добил своето име и духовна инспирација од света Лиоба, чијашто мошти се наоѓаат и се почитуваат во црквата „Св. Лиоба“ во блискиот град Фулда.

Финансирањето ќе доаѓа од три извори: кооперативни удели и кирија од станарите, грантови (донации од институции), и доброволни прилози. Идните жители ќе треба да купат кооперативен удел (еднократна уплата) чиј износ ќе зависи од големината на нивниот стан, а потоа ќе плаќаат месечна кирија и трошоци за одржување. Организаторите разгледуваат и начини да го направат живеењето достапно и за лица со ограничени финансиски средства.

Здружението во моментов очекува официјално признавање на својот непрофитен статус, по што ќе може да издава потврди за даночни олеснувања на донаторите. Проектот бара доброволци кои би помогнале во различни области: правни прашања, изградба, медиумска и јавна комуникација, финансии, администрација и собирање средства. Заинтересираните можат да стапат во контакт со иницијаторите преку веб-страницата на проектот.

Извор: https://lioba-leben.de/