Првпат по 2012 година, христијански свештеници се собраа на богослужба пред Антиохиската православна црква во историски христијанското село Ал-Гасанија, во провинцијата Идлиб, во Сирија, што претставува значаен момент во напорите на заедницата да се врати во своите домови по повеќе од една деценија раселување.
Неговото Високопреосвештенство Митрополит Атанасиј (Фахд) од Латакија, од Антиохиската Патријаршија, началствуваше на богослужбата, која се одржа пред црковната зграда, а не во неа. На службата учествуваа и архимандритот Булос (Ордулиоглу), кој е избран за епископ, други свештеници, како и претставници на други христијански конфесии, известува „Сириак Прес“.
„Долго ја посакувавме оваа денешна радост на враќањето,“ рече митрополитот Атанасиј за време на собирот. „Денес се вративме, и ќе останеме непоколебливи, служејќи ѝ на оваа земја засекогаш.“
Ал-Гасанија, која се наоѓа во руралниот предел на Џиср ел-Шугур, претрпе тешки разурнувања за време на војната, поради што повеќето жители беа принудени да избегаат. Селото тагува и за отец Франсоа Мурад, монах од Сириско-католичкиот манастир Ал-Амудејн, кој беше убиен во екот на борбите.
Пред војната, Ал-Гасанија имала три главни цркви: Антиохиската православна, Латинската и Евангелската црква. Традиционално, селото секоја година на 15 август го прославувало празникот Успение на Пресвета Богородица, кој ги собирал мештаните и посетителите од околните места. Жителите се надеваат дека ќе ја обноват оваа традиција.
Обновувањето на молитвата во Ал-Гасанија претставува и верски чин и сведоштво за решителноста на заедницата да го поврати своето село и да ги обнови животите по години на отсутност и разурнување.

