На 14 и 15 февруари 2026 година во селото Кузмин, во Хмелницката област, во централна Украина, верниците на Украинската Православна Црква извршија богослужби под отворено небо по загубата на храмот, се наведува на страницата на црквата „Рождество Богородично“ на фејсбук.
На задушница заедницата се собра под отворено небо на гробиштата, каде што изврши панихида за упокоените роднини. Во обраќањето верниците истакнаа дека, и покрај лишувањето од богослужбено место, нивната вера останува непоколеблива. Парохјаните нагласија дека дури и ако вратите на храмот се затворени, небото останува отворено, а молитвата продолжува да ја обединува заедницата.
Одземањето на храмот „Рождество Богородично“ во селото Кузмин се случи на 9 февруари 2026 година. Од Хмелницката епархија на УПЦ изјавија дека основа за заземањето биле фалсификувани документи за наводен премин на верската заедница во ПЦУ (Православната Црква на Украина, чија автокефалија доделена од Цариградската Патријаршија останува широко непризнаена во православниот свет). Според податоците на епархијата, во регистрациските документи биле внесени измени во статутот и бил сменет раководителот – наместо настојателот протојереј Георгиј Сикаљук бил наведен Богдан Биљавец. Заедницата изјави дека има намера да ги брани своите права по судски пат и на меѓународно ниво.
Слична ситуација има и во Черкаската област, во централна Украина. На 15 февруари 2026 година, на празникот Сретение Господово, Сретенската заедница на Украинската Православна Црква во градот Черкаси, истерана од својот храм во 2023 година, по третпат го одбележа својот престолен празник во привремено молитвено место – подрум на станбена повеќекатница. Ова го соопшти прес-службата на Черкаската епархија на УПЦ.
Божествената литургија ја предводеше управителот на Черкаската епархија, митрополит Черкаски и Каневски Теодосиј. Му сослужуваа секретарот на епархијата протојереј Василиј Возњук, настојателот на парохијата, протојереј Евгениј Буркацки, и свештенството од градот. За време на богослужбата беше вознесена усрдна молитва за Црквата што трпи прогон, по што архипастирот им се обрати на верниците со зборови на поддршка.
Од епархијата потсетија дека летото во 2023 година храмот „Сретение Господово“ бил заземен од претставници на ПЦУ. Пред тоа, со учество на група пратеници од Градскиот совет на Черкаси биле одржани собири, кои заедницата ги смета за фалсификувани и спротивни на уставот на верската организација, на кои била решена пререгистрацијата на документите, со што бил одземен не само храмот, туку и парохискиот дом каде што живеел свештеникот со своето семејство. Како резултат, свештеникот со малолетни деца останал без дом, а парохјаните биле принудени да бараат ново место за молитва.
Оттогаш заедницата богослужи во подрумските простори на една од повеќекатниците во Черкаси.


Извор: https://spzh.eu/ru/news/91224-v-kuzmine-obshchina-upts-posle-izhnanija-iz-khrama-sluzhit-pod-otkrytym-nebom и https://spzh.eu/ru/news/91243-stritenskaja-obshchina-cherkas-v-tretij-raz-otprazdnovala-prestolnyj-den-v-podvale
