Неговата Светост Српскиот патријарх г. Порфириј испрати писмо со силна и безрезервна поддршка до Неговото Блаженство Митрополитот Киевски и на цела Украина, г. Онуфриј по повод усвојувањето на „Законот за заштита на уставниот поредок во сферата на дејноста на верските организации“ од страна на Врховната Рада во Киев.
Неговата Светост Патријарх Порфириј во Синодското писмо нагласува дека има не само обврска, туку и силна лична потреба да го извести својот брат и сослужител, Блаженејшиот г. Онуфриј дека во помесната Црква на Свети Сава со длабоко огорчување е примена веста дека Парламентот во Киев усвоил закон со кој се предвидува забрана за работа на автономната Украинска православна црква.
„Бидејќи не толку одамна, за време на Втората светска војна, Српската православна црква беше забранувана и прогонувана, ние во Вашиот случај опитно ја чувствуваме вистината на свештените зборови на апостол Павле дека ако еден член страда, со него страдаат и сите членови; и ако се слави еден член, сите членови се радуваат со него (1. Кор. 12, 26)“, потсети Патријархот Порфириј и нагласи дека „работата и мисијата на Српската Црква тогаш ја попречуваше еден нескриено тоталитарен, злотворен режим на една марионетско-фашистичка креација, додека денес, трагедијата да биде уште поголема, сестринската црква во Украина е прогонувана од декларативно демократска влада составена од нејзини сонародници, што ја прави ситуацијата тешка и неспоредливо поапсурдна.“
„Со вознемиреност во нашите срца, драг брате во Христа, чувствуваме дека по примерот на Украинската православна црква се воведува нов тоталитаризам во којшто не важи дури ни максимата на светиот рамноапостолен цар Константин, која е еден од основните општоприфатени општествени принципи според кои живееме, а која гласи: ’Секој нека верува како што му сака срцето’“, рече Патријархот Порфириј и заклучи дека „е јасно дека деградацијата на Украинската православна црква на забранета организација дополнително го озаконува и онака перманентниот прогон, апсењето и шиканирањето на нејзината свештена јерархија и на верниот народ, овозможува понатамошно одземање на нејзиниот имот или, поточно кажано, го повторува голготското сценарио и ја распнува на нов крстот на страданието, а украинското општество како целина се враќа во времето на римските прогони на Црквата Христова.“
„Нашите молитви, нашите надежи, нашите мисли, но и нашите искрени желби одговорните да се одвратат од своето безумие кон знаењето на правдата и вистината, како и мирот, братската љубов и хармонијата повторно да завладеат во Вашата татковина, непрекинато се вознесуваат пред лицето Господово од секое срце на Вам оддадениот српски народ во чија безрезервна поддршка немојте никогаш да се сомневате. Со надеж за најповолно и најправедно решение за мачната ситуација и со молитва до најголемиот Страдалник во сите светови, нашиот Господ Исус Христос, да ви даде Вам и на полнотата на саканата Украинска православна црква: сила, вера, љубов и трпение да го износите својот крст до воскресенската зора, Ви испраќаме братски поздрави и љубов од нашите срца“, нагласи на крајот од писмото до својот брат во Христа и сослужител, Митрополитот Киевски и цела Украина, г. Г. Онуфрију, српскиот Патријарх г. Порфириј.
Извор: https://spc.rs/podrska-srpske-pravoslavne-crkve-kanonskoj-crkvi-u-ukrajini/