Поддршка од САД за историскиот статус на Синајскиот манастир

Манастирот „Света Екатерина“ на Синајската гора се најде во центарот на меѓународното внимание по средбата на Архиепископот на Синај, Фаран и Раито, г. Симеон, со Масад Булос, висок советник на претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп за арапски, блискоисточни и африкански прашања.

Средбата се одржа во метохот на манастирот во Каиро, во присуство на висока делегација на Амбасадата на САД во Египет. Во делегацијата учествуваа вршителот на должноста амбасадор Роберт Силверман, раководителката за политички прашања Џудит Висондај и економскиот советник Крис Кволс – известува грчкиот црковен портал „Вима Ортодоксиас“.

Делегацијата ја пречекаа архиепископот Симеон, отци од Синајското братство, како и советникот на архиепископот и претседател на Грчкиот центар во Каиро, Антонис Казамијас. За време на посетата, американските претставници го разгледаа метохот и се помолија во храмот посветен на Света Екатерина, изразувајќи почит кон повеќевековната духовна традиција и светското културно значење на манастирот.

Во разговорите беше истакната долгата историја на манастирот, неговиот придонес кон Православието и неговото значење како еден од најстарите христијански манастири во светот што непрекинато функционира.

Масад Булос го пренесе личниот интерес на претседателот Доналд Трамп за зачувување на историчкиот статус на манастирот „Св. Екатерина“, нагласувајќи дека САД ја поддржуваат секоја иницијатива што обезбедува заштита на неговото историско, верско и културно наследство.

Посетата се случува во особено чувствителен период, додека продолжуваат разговорите за рамката на договорот меѓу манастирот Синај и државата Египет. Информациите поврзани со овие преговори предизвикаа јавни реакции и сериозна загриженост околу гарантирањето на историските права на манастирот, а развојот на настаните внимателно го следат и грчката и меѓународната јавност.

И покрај тешкотиите, архиепископот Симеон изрази оптимизам дека до крајот на летото ќе има позитивен развој, со кој ќе бидат гарантирани историскиот карактер и посебната мисија на синајскиот манастир „Света Екатерина“.

Извор: https://www.vimaorthodoxias.gr/patriarxeio-ierosolymon/moni-sina-stirixi-ton-ipa-sto-istoriko-kathestos-tis-agias-aikaterinis-synantisi-toy-archiepiskopo-me-symvoylo-toy-tramp/