Амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Грција, Кимберли Гилфојл, ја повтори поддршката на САД кон историскиот манастир „Света Екатерина“ на Синајската Гора, за време на средбата што ја имаше на 3 декември 2025 година со Архиепископот Синајски, Фарански и Раитски г. Симеон, во метохот на манастирот во Атина.
„На средбата што се одржа вчера во Атина, амбасадорката Гилфојл и Неговото Високопреосвештенство Архиепископот Симеон Синајски, Фарански и Раитски, разговараа за манастирот ’Света Екатерина’. Амбасадорката Гилфојл ја повтори поддршката на Соединетите Држави за ова свето место, најстариот манастир во светот кој непрекинато функционира. Соединетите Држави се и ќе останат посветени на верската слобода и на зачувувањето на богатото културно наследство на манастирот“ – се наведува во соопштението на Американската амбасада во Атина.
Потсетуваме дека манастирот Синај беше во центарот на вниманието и за време на посетата на г-ѓа Гилфојл на Атинската Архиепископија, кога Неговото Блаженство Архиепископот Јероним побара, заедно со благодарностите за напорите што ги вложува Претседателот Трамп за запирање на војните, да му биде пренесено и како молба да го насочи своето внимание кон манастирот Синај, кој претставува центар на Православието и Христијанството.
Што се однесува до развојот на ситуацијата во врска со прашањето на манастирот и очекуваниот договор со Египет, нема поместувања во последниот период, како што истакна портпаролката на Министерството за надворешни работи на Грција.
