Во Крстопоклоната недела, Неговата Светост Бугарскиот Патријарх г.г. Даниил, ги освети состојките што ќе се употребат за деветтото, во најновата историја на Бугарската Православна Црква, варење на свето миро. На чинот сослужуваа неговото Високопреосвештенство Варненскиот и Великопреславски Митрополит г. Јован – претседател на Комисијата за мироварение, Мелнишкиот Епископ г. Герасим – главен секретар на Светиот Синод, архимандрит Јован – протосингел на Софиската Света митрополија, јеромонахот Доситеј (Удрев) – главен технолог на мироварението, протојерејот Стилијан Табаков, свештеникот Добри Христов и протоѓаконот Дејан Коруноски.
Пред осветувањето на состојките беше отслужена Света Василиева Литургија во Патријаршискиот катедрален храм „Свети Александар Невски“, по повод Крстопоклоната недела, од страна на Варненскиот и Великопреславски Митрополит Јован и Мелнишкиот Епископ Герасим.
Во раните попладневни часови, во зградата на Светиот Синод започна процедурата за мироварението. Неговото Блаженство, Патријархот Даниел, го предводеше водосветот и прочита молитва за успех на ова благодатно дело. Предвидено е на празникот Цветници садовите да бидат пренесени во храмот „Свети Александар Невски“, каде што, со почетокот на Страсната седмица, ќе започне и варењето на светото миро.
Првото мироварение во новата историја на БПЦ било извршено на 6 април 1950 година, на Велики Четврток. Приготвувањето на светото миро е важен чин за секоја помесна православна црква, бидејќи правото да го приготвува и осветува светото миро го имаат само автокефалните цркви. По признавањето на автокефалноста на Бугарската православна црква во 1945 година со томос од нејзината мајка-Црква, Цариградската патријаршија, Бугарската Православна Црква добила право самата да осветува миро.
Светото миро
Светото миро се користи при Светата Тајна Миропомазание, како и при осветување на храмови и антиминси. Затоа секоја помесна црква го осветува и чува мирото за своите богослужбени потреби.
Во Стариот Завет, Господ му дал на Мојсеј точна формула за приготвување на мирото, со кое требало да се помазуваат Скинијата и нејзините служители (2Мој. 30, 22-25). Во Скинијата требало да се чува сад со осветено миро за помазување на свештениците и пророците. Тоа помазување било знак на Божјата благодат која слегува и „почива“ врз помазаниот човек.
Во составот на мирото што се користи во Православната Црква влегуваат разни состојки, меѓу кои: елеј (маслиново масло), бело вино, темјан, масло од роза, темјаника, кардамон, мошус, балсам, масло од бергамот, масло од каранфилче, масло од босилек, масло од здравец, масло од лаванда, корен од перуника, жълт кантарион, масло од цимет и други. Мнозинството состојки симболизираат мноштво благодатни дарови кои се добиваат преку него. Мирото се вари три дена и се осветува на Велики Четврток.

Извор: https://bg-patriarshia.bg/news/balgarskiat-patriarh-daniil-osveti-sastavkite-za-devetoto-mi