„За подобрувањето на напнатата состојба во словачкото општество може да придонесе секој од нас“ – изјави претседателот на Словачката Република, Петер Пелегрини, по новогодишната средба со претставниците на црквите и верските заедници. „Секој од нас ќе мора да направи мал чекор за Словачка да биде добро место за живеење. Никој друг тоа нема да го направи наместо нас“ – истакна претседателот.
На средбата, која се одржа во понеделник, на 21 јануари 2025 година, од Православната црква во Словачка присуствуваше неговото Блаженство Архиепископот Прешовски и Митрополит на Чешките земји и Словачка г.г. Ростислав.
Претседателот со претставниците на црквите разговараше за запирање на омразата во словачкото општество, која, според него, не исчезнала ниту по минатогодишниот атентат врз премиерот. „Словачка и словачкото општество имаат потреба од повеќе надеж, повеќе позитивност. Од утро до вечер сме преплавени со негативни вести – кој што направил, кој кому наштетил, што е лошо, што некому не му се допаѓа. А сето добро што секој ден се случува во Словачка, се губи во тој огромен бран на негативизам“ – предупреди претседателот.
Тој изрази надеж дека оваа средба и идните активности ќе помогнат Словачка да излезе од патот на омразата, нетолеранцијата и непријателството и да тргне по патот на просперитетот и развојот. „За да можеме на крајот на оваа година да кажеме дека 2025 година придонесе за смирување на ситуацијата и дека во Словачка се живееше малку подобро“, додаде на крајот од своето обраќање.
На настанот присуствуваа претставници на следните цркви и верски заедници: Римокатоличката црква, Гркокатоличката (Унијатска) црква, Православната црква, Евангелистичката црква, Реформираната христијанска црква, Централниот сојуз на еврејските верски општини, Апостолската црква, Евангелистичката методистичка црква, Старокатоличката црква, Братската баптистичка заедница, Црквата на адвентистите на седмиот ден, Христијанските собранија во Словачка, Црквата на Исуса Христа на светите од подоцнежните денови и Бахајската заедница.


