Поглаварот на ПЦУ – Православната Црква на Украина, чија автокефалија која беше доделена од Цариградската Патријаршија, а е делумно прифатена само од четири помесни Православни Цркви, во своето неодамнешно излагање на соборот на ПЦУ изрази остри критики против Македонската Православна Црква, која ја нарекува „Црква во Северна Македонија“, како и против Српската Православна Црква која ја обвинува за „неканоско издавање таканаречен ’Томос’“.
Поточно, тој во споменатото излагање изјави: „Категорично не смееме да дозволиме со Украинската Црква да се повтори ситуацијата која во моментов се случува со Црквата во Северна Македонија. Таа, откако доби обновување на црковното општење од Вселенската Патријаршија, набргу влезе во сојуз со Московската патријаршија и на неканонски начин прими таканаречен ’Томос’ од Српската Патријаршија.“
Потсетуваме дека иако томосот за ПЦУ беше издаден од Цариградската Патријаршија, тој не е целосно прифатен ниту во јурисдикцијата на самата Цариградска Патријаршија, бидејќи најголемиот дел од Светогорските манастири не ја признаваат ПЦУ и не сослужуваат со неа.
Истовремено, сите забелешки на канонскиот статус на ПЦУ, таа ги припишува на руско влијание, иако доаѓаат и од јурисдикцијата на Цариградската патријаршија и од други цркви кои делумно ја прифаќаат ПЦУ, како на пример Православната Црква на Грција, како што неодамна известивме.
