Поглаварот на Православната црква на Украина (ПЦУ – чија автокефалија е доделена од страна на Цариградската патријаршија), Епифаниј Думенко, упати порака до народот на Грузија, изразувајќи поддршка за иднината на Грузија како „слободна европска нација“ и упати благослов за оние кои тој вели дека се „на страната на вистината“. Целосната порака, упатена преку социјалната мрежа Х (твитер) гласи:
Православната црква на Украина и јас лично, како нејзин поглавар, се молиме за народот на Грузија. Им посакуваме на нашите браќа и сестри да ја зачуваат својата независност и својата иднина како слободна европска нација. Вистината ќе победи! Нека Бог ги благослови сите што се на страната на вистината!
Оваа порака суштински се разликува од пораката од Грузиската православна црква. Веќе пренесовме дека во врска со протестите и немирите во Грузија, Грузиската патријаршија упати апел со кој повикува на мир и со кој не се става на страната на едната или другата опција, како што тоа го прави поглаварот на ПЦУ, кој практично изразува поддршка за демонстрантите, туку вели „за нас се драгоцени сите страни во конфликтот“, избегнувајќи поделби помеѓу народот, покажувајќи дека црквата е над тие поделби и се грижи за сите страни.
Владејачката партија на Грузија, „Грузиски сон“, освои 89 места во 150-члениот парламент на последните избори во октомври, со 53,95% од гласовите. Сепак, Европскиот парламент потоа усвои резолуција со која ги осудува парламентарните избори како недемократски, барајќи нивно повторување под меѓународен надзор во рок од една година. Партијата „Грузиски сон“, која ја поддржува важната улога на Грузиската православна црква во земјата, во западните медиуми често е прикажувана како проруска, анти-европска и антидемократска.
Како одговор на одлуката на Европскиот парламент, грузискиот премиер Иракли Кобахидзе изјави дека владата ќе ги суспендира разговорите за приклучување кон Европската унија до 2028 година и го обвини Брисел за уцена.
Во реакција на ова, илјадници демонстранти неколку дена по ред излегуваат на улиците на главниот град, а судирите со полицијата понекогаш прераснуваат во насилство.