Поглаварот на Полската Православна Црква со поддршка за Свјатогорската лавра

На 7 јуни 2026 година, по Божествената литургија во Успенскиот соборен храм на Свјатогорската лавра на Украинската Православна Црква, беше прочитано писмото на поддршка од Неговото Блаженство, Митрополитот Варшавски и на цела Полска Сава – соопштува интернет страницата на Руската Православна Црква.

Во писмото упатено до монасите и парохјаните на обителта, која во моментов се наоѓа во зона на активни борбени дејства, Поглаварот на Полската Православна Црква нагласи:

„Христос Господ не нѐ повика кон славата и радоста на овој свет. Тој не ни вети надворешен мир и изобилство од земните дарови. Месијата нѐ повикува да учествуваме во Голгота, по која заедно со Него ќе го доживееме Воскресението. Исус нѐ повикува да бараме мир во нашите срца и дарови на Духот од небесата. Иако отсекогаш сме го знаеле тоа, кога настапуваат мигови на искушенија, тешко ни е да ги прифатиме, тешко ни е да ги прифатиме со спокојство. Но Воскреснатиот нѐ охрабрува: ’Не плаши се, мало стадо, зашто на вашиот Отец Му беше благоугодно да ви го даде Царството… И ете, Јас сум со вас во сите дни до свршетокот на светот’.“

„Во овие тешки денови на Голгота, Бог е со вас. И ние сме со вас во нашите молитви и добронамерност. Ќе бидеме со вас до денот на Воскресението, кога ќе исчезнат сите грижи“, се вели во обраќањето на Неговото Блаженство.

Духовно укрепувајќи ги оние што престојуваат во обителта, Митрополитот Сава напиша:

„Примете ја нашата љубов и архипастирски благослов. Издржете. Пасхалното утро е веќе близу.“

Според информациите на телеграм-каналот на Свјатогорската лавра, веќе повеќе од еден месец обителта е без централизирано снабдување со електрична енергија, па затоа животните потреби на манастирот, кои зависат од струја, се одржуваат со помош на генератори. Таму не доаѓаат ниту противпожарните служби, ниту комуналните служби, ниту итната медицинска помош, а постојат и тешкотии во доставувањето на неопходните резерви и намирници. Покрај монасите, во ѕидините на лаврата живеат и околу 200 бегалци и лица кои настрадале од воените дејства.

Извор: https://www.patriarchia.ru/article/121562