Поглаварот на Руската Црква се сретна со делегација на Егзархатот за Југоисточна Азија

На 18 јули 2026 година, по завршувањето на Божествената Литургија во Свето-Троицката Сергеевска лавра, во црквата на праведниот Филарет Милостивиот во Патријаршиските простории на Лаврата се одржа средба на Неговата Светост патријархот Московски и на сета Руса Кирил со делегација на Патријаршискиот егзархат за Југоисточна Азија на Руската Православна Црква.

Во составот на делегацијата која пристигна во Руската Федерација влегуваат претставници на православни заедници, меѓу кои и свештенослужители од Сингапурската епархија, која ги обединува парохиите на Руската Православна Црква на територијата на Сингапур, Индонезија, Малезија, Папуа Нова Гвинеја и Источен Тимор.

Целта на посетата е поклонување пред светињите на Руската Православна Црква, учество во богослужби, запознавање со историските и духовните центри на Русија, како и зајакнување на братските врски меѓу православните заедници на Руската Православна Црква во Југоисточна Азија и Русија, соопшти Прес-службата на Патријархот.

Патријаршискиот егзарх за Југоисточна Азија, митрополитот сингапурски и на Југоисточна Азија Сергиј, поздравувајќи го поглаварот на Руската Православна Црква, му изрази благодарност на Неговата Светост за поддршката и грижата за развојот на црковниот живот во еден од најгусто населените макрорегиони во светот: „Дозволете ми да Ви заблагодарам во името на целиот Патријаршиски егзархат за Југоисточна Азија, во името на свештенството и верниците од Индонезија, Малезија, Папуа… Тоа се далечни земји, но тие се важни“.

Според зборовите на егзархот, вкупниот број на жители на земјите кои се во сферата на пастирската одговорност на Патријаршискиот егзархат за Југоисточна Азија — а тоа се Сингапур, Источен Тимор, Виетнам, Индонезија, Камбоџа, Северна Кореја, Република Кореја, Лаос, Малезија, Мјанмар, Папуа Нова Гвинеја, Тајланд и Филипини — се приближува до една милијарда.

„Насекаде е нашата Црква. Благословете ја, преку овие поклоници, целата наша Црква во тој регион“, рече митрополитот Сергиј, барајќи го првосвештеничкиот благослов.

„Ви благодарам, владико! Драги отци, браќа и сестри! Многу ми е мило што ве гледам“, рече во својот одговор Патријархот Кирил. „Јас сум меѓу малкуте луѓе кои по должност, а не како туристи, го имаат посетено поголемиот дел од земјината топка. Меѓу другото, сум бил и во вашиот регион — во она далечно време кога беше невозможно да се замисли дека таму ќе постои Православие и дека Московскиот Патријарх ќе се среќава со клирици и мирјани од тој регион“.

„Создавањето на Православната Црква и зајакнувањето на Православието во овој многу важен регион е ваша мисија“, нагласи поглаварот на Руската Православна Црква. „Ви благодарам што достојно ја извршувате оваа мисија. А ние, од наша страна, ќе направиме сè што е можно за да ве поддржиме на овој спасителен и многу важен пат за духовното просветување на вашиот народ“.

Извор: https://mospat.ru/ru/news/94445/