Погреб на жртвите од нападот во Дамаск, и слово на Антиохискиот Патријарх

Погребната служба за жртвите од неделниот терористички напад во црквата „Свети Илија“ во Дамаск беше отслужена на 24 јуни 2025 година, во црквата на Светиот Крст, во Дамаск.

На службата чиноначалствуваше Неговото Блаженство, Патријархот Антиохиски и на целиот Исток г.г. Јован Десетти. Присутни беа и епископите на Антиохиската Патријаршија во Сирија, кои се собраа на средба со Патријархот пред самата служба. Црквата беше исполнета со стотици верници кои дојдоа да им оддадат последна почит на жртвите.

По завршувањето на службата, телата на новите маченици беа пренесени во црквата „Свети Илија“, каде што пострадаа заради Христа. Таму повторно беа прочитани молитви за покој на нивните души, пред да бидат погребани на гробиштата.

Патријархот Јован одржа трогателна беседа за терористичкиот напад, во кој загинаа 22 лица, а повеќе од 50 беа повредени. Обраќајќи им се директно на мачениците, тој изјави дека тие „сведочеа“ во неделата кога се слават светителите на Антиохија, и сега пребиваат „во Божествената светлина“ како „деца на Воскресението“. Тој подвлече дека ова не е изолиран случај, туку „напад врз секој Сириец, врз цела Сирија“, и посебно „напад врз христијанското присуство“, нарекувајќи го „масакр“ и „прв од ваков вид по настаните од 1860 година“.

Патријархот упати остри зборови до сириското раководство, изразувајќи разочараност што ниту еден државен функционер, освен г-ѓа Хинд Кабват, не бил присутен на местото на злосторството. Тој храбро му порача на Претседателот дека „народот е гладен“ и дека доаѓа во црквите „барајќи пари за да купи леб“, повикувајќи на влада што ќе биде насочена кон потребите на народот, а не кон „неважни одлуки“. И покрај трагедијата, тој ја потврди христијанската посветеност на националното единство, изјавувајќи: „ние не се плашиме и го продолжуваме патот“, оддавајќи им почит на тројцата млади луѓе — Григориј, Башар и Петар — кои херојски се соочиле со напаѓачот и „прифатија да бидат растргнати за да ги заштитат присутните“, спасувајќи речиси 250 луѓе во црквата.

Во продолжение ја пренесуваме целата беседа на Патријархот Јован.


Слово на Антиохискиот Патријарх Јован Десетти на погребот на мачениците од Црквата „Свети Илија“ – Двеила, Црквата на Светиот Крст, Дамаск

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух, Единиот Бог, амин.

Христос воскресна! Навистина воскресна! Да се поклониме на Неговото тридневно Воскресение.

Ваши Блаженства, Ваши Високопреосвштенства, чесни отци, возљубени,

Го одложив на страна словото што го имав подготвено, затоа што телата на нашите возљубени маченици ме тераат да ви се обратам без писмен текст, од срце.

Вие, возљубени маченици, нè оставивте и се преселивте во небото, во вечниот живот, кај Господ Кој воскресна од мртвите. Пострадавте маченички минатата недела, втората недела по Педесетница — ден што Антиохискиот Свет Синод го определи како спомен на Антиохиските светии. Пострадавте и преминавте во вечниот живот на овој ден за да бидете со сите праведни Антиохиски светии и со сите светии. Денес ви се обраќаме. Ве молиме да се молите за нас, вие кои веќе сте во прегратките на Господа.

Се обраќам до моите возљубени и браќа — семејствата на мачениците, на повредените, на болните. Ви изразувам сочувство и Го молам Господ Исус Христос да ве чува со Својата божествена десница, да ве благослови, утеши и даде трпение и олеснување.

Се обраќам до верниот народ на нашата парохија во „Свети Илија“ каде што се случи оваа трагедија. Се обраќам до сите наши христијани во Сирија и ширум светот. Се обраќам до секој Сириец, било да е муслиман или христијанин, затоа што тоа што се случи не е изолиран инцидент, не е личен напад врз поединец или семејство. Тоа е напад врз секој Сириец и врз цела Сирија. Тоа е напад врз христијанскиот идентитет, посебно.

Затоа, се обраќам до сите, молејќи Го Господа Бога да ги утеши срцата, да нè зацврсти и утврди во верата, во Црквата и во татковината.

Апостолот Павле во посланието до Римјаните вели: „Ако живееме — за Господа живееме, ако умираме — за Господа умираме“. Карпата на нашата вера е Воскреснатиот Господ. Нашите маченици, што се пред нас денес, се деца на Воскресението, се во божествената светлина. Тие не умреа. Тие се живи. Иако на ужасен начин, преминаа кај Оној кого Го љубеа.

Се молеле во црквата. Биле на Божествена Литургија. Се читало Евангелието. Каков напад е ова?! Во црква, додека народот се моли и вели: „Со мир да се помолиме на Господа. Господи, помилуј.“ — се случува овој гнасен напад, со кој досега загинаа 22 маченици. Не се сите тела пред нас, затоа што дел од семејствата ги зеле своите загинати и ги погребале. Дваесет и двајца маченици и повеќе од 50 повредени. Вчера по молитвата во црквата ги посетивме ранетите во болниците. Не ги забораваме и се молиме Господ по силата на Својот Свет Крст да им даде исцеление.

Она што се случи е масакр. Повторувам — масакр. Тоа е насочен напад врз основен дел од сириското општество. Напад врз секој Сириец.

Господине Претседателе,

Ве известувам дека ова злодело е прво од ваков вид по настаните од 1860 година. И тоа не го прифаќаме, особено не во време на револуцијата и за време на Вашето владеење. Ова е за осуда и неприфатливо.

Ја уверувам јавноста дека ние христијаните сме над овие случувања. Нема да дозволиме ова гнасно дело да стане причина за предизвикување национална или верска омраза, не дај Боже. Ние стоиме цврсто на националното единство, заедно со сите Сиријци — муслимани и христијани. Живееме и постоиме како едно семејство во оваа благословена земја.

Ме контактираа многу патријарси и поглавари на цркви од целиот свет. Ме контактираа политичари, претседатели, премиери, министри и муслимани од оваа земја, за да го изразат своето сочувство и осуда за овој масакр.

Ќе го кажам ова со храброст: Жал ни е, господине Претседателе, што освен госпоѓата Хинд Кабват, христијанка, ниту еден државен функционер не дојде веднаш по злосторството. Жалиме за тоа. Ние сме суштински дел од оваа земја. И ќе останеме.

Сетете се: беа киднапирани митрополитите Павле и Јован од Алепо, се кажа сè и сешто. Беа киднапирани монахињите од Маалула. Еве нè, ние сме сè уште тука. Злочинот се случи завчера. И ќе останеме присутни.

Ве повикуваме, господине Претседателе, на влада што не се занимава со носење непотребни одлуки. Ве повикуваме на влада што ја презема одговорноста и ја чувствува болката на својот народ.

Господине Претседателе, народот гладува. Ако некој не ви го кажува тоа, јас ви го кажувам.

Господа членови на Владата, народот доаѓа на вратите на нашите цркви и бара пари за леб!

Со љубов и почит, господине Претседателе, вчера телефонски разговаравте со Патријаршискиот викар и ни го пренесовте своето сочувство. Ви благодариме за повикот. Но ова злосторство е поголемо — заслужува повеќе од телефонски повик.

Се надеваме дека Владата ќе придонесе за остварување на целите на револуцијата, како што и вие и сите рековте: демократија, слобода, еднаквост и владеење на правото. Тоа го очекуваме, го сакаме и за тоа се залагаме.

Ќе го кажам и ова: ни беше кажано дека Владата ќе прогласи Ден на жалост.

Господине Претседателе, прогласете денес — не Ден на жалост за нас — туку Ден на жалост за Владата.

Овие маченици, како што рекоа некои функционери, не се „жртви“ или „загинати“. Тие се маченици. Ќе се осмелам да кажам: тие се маченици за верата и за татковината.

Сакаме да знаеме кој стои зад овој срамен чин. Ни беше ветено. Но и покрај тоа, нагласуваме: Владата ја сноси целата одговорност.

Народот сака безбедност и мир. Прва задача на Владата е осигура безбедност за сите граѓани, без исклучок и без дискриминација.

Господине Претседателе,

Ви честитавме за победата на револуцијата, во сите наши изјави. Ви честитавме лично кога станавте Претседател. Ги направивме сите чекори што беа потребни — затоа што ние сме деца на оваа земја. Ние сме Сиријци, вистински граѓани. Нашата земја е наша чест и достоинство. Го рековме и ќе го повторам: ги пруживме рацете кон вас за заедно да ја изградиме новата Сирија. Но, жално е, сè уште чекаме некој да ни ја пружи раката назад.

Се молиме, возљубени, за нашите маченици, за ранетите, за нивните семејства. Се молиме за нашата земја и за целиот свет. Се молиме Сирија што ни доаѓа да биде таа „Сирија“ за која сонува секој Сириец.

Овој злосторник влегол во црквата со оружје и експлозив. Го виделе нашите млади луѓе: Џирис, Башара и Петар — лично ги познавам. Го зграпчиле и го турнале наназад, и се фрлиле врз него. Прифатиле да станат парчиња месо, и навистина станале парчиња, за да ги спасат оние што биле во црквата. Таков е нашиот народ. Нашите херои. Станаа парчиња месо за, според кажаното, да спасат 250 луѓе што биле во црквата.

Пред овој херојски христијански народ, велам и потврдувам: Ние не се плашиме. Ќе продолжиме по патот.

Пред величието на оваа сцена, ќе завршам со зборовите:

Да беа во џамија, ќе го направеа истото и ќе ги заштитеа и тие што биле таму.

Нашите молитви се за мачениците. А од нив ги бараме молитвите — од нивното место во божествената светлина.

Господ вели во Евангелието: „Бидете храбри, Јас го победив светот“. И уште: „Јас сум сред неа, таа нема да се разниша.“

Благодарност до сите. Нека ве чува Господ, благословен во вечни времиња. Амин.

Извор: https://www.facebook.com/share/p/199pZtQVo1/