Погребение на Грузискиот Католикос-Патријарх Илија

Со „Христос воскресе“ што надвладуваше над жалосната атмосфера во Тбилиси, поглаварите и претставниците на помесните Православни Цркви, државното и политичкото раководство, свештенството и народот на Грузија во неделата на 22 март 2026 година се простија со Католикос-Патријархот Илија II.

Во соборниот храм „Света Троица“ во Грузиската престолнина Тбилиси, каде што телото беше положено по упокојувањето на Патријархот, утрото беше отслужена Божествена Литургија, на која што началствуваше Местобљустителот на Патријаршискиот трон, Митрополитот на Сенаки и Чхорочку г. Шио.

По Литургијата беше отслужено опелото, на кое началствуваше Цариградскиот Патријарх Вартоломеј. Му сослужуваа Митрополитот Шио и архијереи на Грузиската Црква.

Присутни беа претстоителите: Бугарскиот Патријарх Даниил, Албанскиот Архиепископ Јован, Архиепископот на Прешов и цела Чешка и Словачка г.г. Растислав и Архиепископот Вашингтонски и Митрополит на сета Америка и Канада Тихон (Православната Црква во Америка).

Александриската Патријаршија ја претставуваше Митрополитот Кесариски Теофилакт, Антиохиската Патријаршија Митрополитот Филипополски Нифон, Ерусалимската Патријаршија Архиепископот Антидонски Нектариј, Московската Патријаршија  Митрополитот Мински и Егзарх на цела Белорусија Венијамин, Романската Патријаршија Архиепископот Темишварски Јован, Српската Патријаршија Митрополитот Будимљанско-никшиќки Методиј, Црквата на Кипар Митрополитот Тамасоски Исаија, Црквата на Грција Митрополитот на Неа Јонија Гавриил.

Илјадници Грузијци се собраа надвор од Соборниот храм на Света Троица, додека службата се пренесуваше и на големи екрани поставени на повеќе места. На поворката од Соборниот храм „Света Троица“ до стариот Соборен храм „Свет Сион“ каде што беше извршен погребот, според желбата на Патријархот Илија, присуството на народот беше огромно. На опелото присуствуваше целокупното државно, политичко и воено раководство на земјата, дипломати од различни држави, како и претставници на други христијански конфесии и религии.

Слово на погребот изрече Цариградскиот Патријарх Вартоломеј. Од името на Светиот Синод на Грузиската Црква, посмртен говор одржа Митрополитот Шио. Свои обраќања имаа и Грузискиот претседател Михаил Кавелашвили, претседателот на парламентот Шалва Папуашвили и премиерот на Грузија Иракли Кобахидзе.

https://www.youtube.com/watch?v=OKfVSpxM2Vk