Опелото на блаженоупокоениот Патријарх на Грузија, покојниот Илија, ќе се изврши во недела, на 22 март, во Катедралниот храм „Света Троица“ во Тбилиси – како што беше соопштено од локалните медиуми.
„Погребот ќе се одржи во недела, во катедралниот храм Сиони, согласно желбата на Патријархот. Тој ја остави оваа желба на своите роднини“, изјави за новинарите митрополитот на Руиси и Урбниси г. Јов.
По завршувањето на седницата на Светиот Синод и информирањето за датумот на опелото и погребот, телото на блаженоупокоениот Грузиски Патријарх Илија, беше пренесено во 16:00 часот по локално време од патријаршиската резиденција во катедралниот храм „Света Троица“ во Тбилиси.
Владата на Грузија 18 март го прогласи за ден на национална жалост, а согласно соодветна уредба, знамињата на сите административни објекти во земјата ќе бидат спуштени на половина копје.
Избор на нов Католикос-Патријарх
Како што соопштува грузиската редакција на Сојузот на православни журналисти, повикувајќи се на уставот на Грузиската Православна Црква, местобљустителот на Патријаршискиот трон е должен да свика Собор на Грузиската Црква, во проширен состав, не порано од четириесет дена и не подоцна од два месеца по упокојувањето на Патријархот.
Пред Соборот, Светиот Синод ќе одржи седница за избор на кандидати за Патријаршискиот трон. Секој член на Синодот има право да предложи еден кандидат, вклучително и самиот себе. Тројцата архијереи кои ќе добијат најголем број гласови на Синодот ќе бидат предложени на Соборот како кандидати.
Кандидатот за Патријаршискиот трон треба да исполнува низа услови: да биде Грузинец по националност, епископ на Грузиската Православна Црква, да има богословско образование и значително искуство во црковното управување, да биде монах на возраст од четириесет до седумдесет години.
Право на глас при изборот на Патријарх имаат само епископите. За избран се смета кандидатот кој ќе добие повеќе од половина од гласовите на присутните архијереи на Соборот. Доколку во првиот круг ниту еден кандидат не го добие потребното мнозинство, се одржува втор круг со учество на двајцата кандидати кои добиле најголем број гласови.
Оваа постапка е утврдена со Правилникот за управување на Грузиската Православна Црква, усвоен на XIII Собор во катедралниот храм Светицховели на 18–19 септември 1995 година.
До изборот на нов Патријарх, Црквата ја управува Местобљустителот на Патријаршискиот трон. Митрополитот Шио (Муџири) ја извршува оваа должност од 23 ноември 2017 година кога му беа пренесени потребните овластувања, поради влошувањето на здравствената состојба на Патријархот Илија.
Извор: https://www.orthodoxianewsagency.gr/patriarxeia/patriarxio_georgias/to-ystato-xaire-ston-patriarxi-georgias-stis-22-martiou/ и https://mzk.ge/ge/news/89163-rogoria-patriarkis-archevis-protsedura-sakartvelos-martlmadideblur-eklesiashi
