На својата редовна седница од 26 јуни 2026 година, Светиот синод на Бугарската православна црква – Бугарска патријаршија, во полн состав, донесе одлука да го покани во Бугарија Цариградскиот патријарх Вартоломеј да учествува во свеченостите што ќе се одржат од 16 до 20 октомври годинава по повод 1150 години од раѓањето и 1080 години од упокојувањето на преподобниот Јован Рилски Чудотворец, небесниот покровител и заштитник на бугарскиот народ – известува интернет страницата на Бугарската Православна Црква.
Специјална црковна делегација, предводена од Неговото Високопреосвештенство Русенскиот митрополит Наум, а во чиј состав беше и Мелничкиот епископ Герасим – главен секретар на Светиот синод го посети Истанбул, Турција, каде што се сретна со Цариградскиот патријарх Вартоломеј и му ја предаде поканата, заедно со поздравите од Бугарскиот патријарх Даниил и Светиот синод на Бугарската Црква. Средбата се одржа во храмот „Света Недела“ во Кондоскали, каде што беше отслужена света Литургија по повод празникот на св. Недела.
На крајот од Литургијата, патријархот Вартоломеј им се обрати на бугарските претставници со следните зборови:
„На крајот, со чувства на искрена љубов и длабока почит, ја поздравуваме во градот на Поборничката Војвотка и на Акатистната химна, во градот на Божјата Премудрост, официјалната делегација на светата Бугарска Црква, составена од Неговото Високопреосвештенство Русенскиот митрополит Наум, Неговото Преосвештенство Мелничкиот епископ Герасим – главен секретар на Светиот синод на Бугарската Црква, и високоценетиот г. Александар Смочевски – патријаршиски советник, кои пристигнаа како носители на официјална почесна покана од Светиот синод на Бугарската црква до Нашето Смирение да претседава со празничните свечености во чест на свети Јован Рилски во истоимената света обител во текот на претстојниот месец октомври.
Возљубени браќа,
Во вашите личности ја поздравуваме целата света Бугарска Црква и братски го целиваме нејзиниот претстојател, многувозљубениот и Блаженејши Софиски митрополит и Бугарски патријарх Даниил, чие неодамнешно доаѓање на нашиот роден Имврос по повод нашиот именден нè исполни со духовна радост, возбуда и ликување, а споменот за таа посета засекогаш останува жив и сладок за нас. Зашто нашите две Цркви се поврзани со свети и нераскинливи врски – врски на заедничката вера и љубов, која, според апостол Павле, ’никогаш не престанува’.“
Во писмото испратено од Неговата Светост Бугарскиот патријарх Даниил и Светиот синод на Бугарската Црква се вели:
„Духовното наследство и животот на свети Јован Рилски се дел од заедничкиот византиско-словенски црковен и културен простор, во кој со векови се развивале и историските односи меѓу Бугарската православна црква – Бугарска патријаршија и Цариградската Вселенска патријаршија. Поради тоа, личноста на свети Јован Рилски претставува една од живите духовни врски меѓу двете сестрински Цркви, сведочејќи за нивната повеќевековна заедничка историја и припадност кон заедничкото православно Предание.“
Целосната програма и дополнителните информации за посетата ќе бидат соопштени навремено.



Извор: https://bg-patriarshia.bg/news/sv-sinod-na-bpts-bp-otpravi-pokana-kam-vselenskia-patriarh-v
