Полската Православна Црква предупредува за лажно претставување и измами

Полската Православна Црква преку соопштение, објавено на 20 март 2026 година, ги предупредува верниците дека е забележана појава на измамници кои лажно се претставуваат како црковни лица со цел да добијат материјална корист. Користејќи се со современи технологии кои овозможуваат фалсификување на гласот и ликот на свештените лица, вклучително и архијереите, тие се обидуваат да ги наведат луѓето да им префрлат финансиски средства.

Црквата предупредува дека архијереите и свештенството никогаш не бара финансиска помош преку приватни пораки или телефонски разговори, туку сите акции за собирање средства се преку официјален пат. Затоа, апелира обидите за измама веднаш да бидат пријавени кај црковните и државните власти.

Во продолжение е соопштението во целост.


Итно соопштение

Канцеларијата на Митрополитот, во врска со забележаните во последно време случаи на сајбер-напади насочени кон парохиите и црковните институции, строго ги предупредува свештенството, верниците и сите лица кои соработуваат со Црквата на криминални дејствија кои се состојат во измамничко извлекување значителни парични средства.

Според добиените информации, сторителите користат современи технологии кои овозможуваат фалсификување на гласот и ликот на свештените лица, вклучително и на архијереите, како и на државните органи, со цел да ги наведат луѓето да префрлат финансиски средства. Овие дејствија се јавуваат во форма на телефонски повици, гласовни пораки, како и видео-материјали кои можат да остават впечаток на автентичност.

Канцеларијата на Митрополитот решително нагласува дека ниту еден архијереј ниту претставник на црковните власти не бара пренесување финансиски средства преку приватни пораки или телефонски разговори. Сите официјални акции за собирање средства и финансиски иницијативи се спроведуваат исклучиво преку формални канцелариски писма. Секој обид за измама треба да се третира како криминално дејствие и веднаш да се пријави кај надлежниот епископ на епархијата, како и кај органите на прогонот.

Во случај да добиете сомнителна порака или контакт од лице кое се претставува како свештеник, се замолува да покажете особена претпазливост и да не преземате никакви дејствија. Проверка на информациите треба да се изврши кај секретарот на епархијата или кај настојателот на округот.

Апелираме на разумност и будност. Брзата реакција ќе помогне да се ограничат последиците од ваквите кривични дела и да се заштитат Црквата, парохиите и верниците од штети.

Канцеларија на Православниот Митрополит Варшавски и на цела Полска

Извор: https://www.orthodox.pl/komunikat-kancelarii-metropolity-pilne/