Полското црковно радио „Ортодоксија“ одбележа 25 години од основањето

На 25 октомври 2026 година, во Супраслката академија во Полска, се одржа свеченост по повод 25-годишнината од основањето на епархиското радио „Ортодоксија“, кое дејствува во рамките на Бјалисточко-гдањската епархија на Полската Православна Црква. Прославата започна ден претходно со Божествена Литургија во црквата „Свети Дух“ во Бјалисток, со која началствуваше архиепископот Бјалисточки и Гдањски Јаков.

За време на свеченоста, архиепископот Јаков се потсети на почетоците на радиото, истакнувајќи дека од поднесувањето на барањето до започнувањето на работата поминале речиси три години. Радиото ја добило дозволата за емитување во април 2001 година, а официјално започнало со работа на 30 ноември истата година. Прв директор бил свештеникот Јан Којло, кој ја извршувал функцијата 15 години. Од 2017 година, директор е свештеникот Матеуш Кичко.

„Нашето радио, пред сè, треба да го проповеда Евангелието, благата вест за спасението преку верата во Христа“, истакна архиепископот Јаков. Покрај верските емисии, проповедите, предавањата и преносите на богослужбите, радиото емитува и информативни и здравствени програми, како и содржини наменети за децата и младите. Во неговата работа во изминатите 25 години учествувале бројни волонтери од различни возрасни групи, а мрежата на предаватели била проширена и во други градови во регионот.

На свеченоста, поранешниот и сегашниот директор беа одликувани со орденот на светите рамноапостолни Кирил и Методиј, додека заслужните уреднички Ана Хоружи, Паулина Бојањска и Катажина Кичко го добија орденот на света рамноапостолна Марија Магдалена. На особено активните волонтери им беа врачени пофални грамоти.

На настанот се обрати и претставникот на полската влада во Подлаското војводство Јацек Бжозовски, кој ја истакна важноста на радиото во време на дезинформации и говор на омраза, нагласувајќи дека неговата мисија е да гради заедништво засновано врз вистината, доброто и љубовта.

Извор: https://www.orthodox.pl/25-lecie-radia-orthodoxia/