Помен за жртвите од 11 септември на местото на кулите-близначки во Њујорк

На 11 септември 2024 година, Грчката православна црква „Св. Николај“ во Њујорк, која во САД има статус на „Националното светилиште“ организираше помен за жртвите од терористичките акти од 11 септември 2001 година.

Архиепископот Американски г. Елпидофор од Цариградската патријаршија ја предводеше богослужбата, заедно со настојателот на храмот, Протопрезвитер Андреј Витулкас, како и капеланите на Полициската служба на Њујорк, на Противпожарната служба на градот Њујорк и Пристанишната управа, кои ги претставуваа другите верски традиции. 

По претставувањето на знамето на САД од Пристанишната управа на полицијата, службата започна со поздравните зборови на отец Андреј, по што беше изведена националната химна на САД, интерпретирана од Алисон Спина-Цуракис. Потоа, архиепископот Елпидофор ја предводеше православната служба, која отец Андреј им ја претстави и објасни на присутните гости кои не се православни христијани. 

Мултиконфесионалниот дел од настанот следеше по парастосот, со учество на рабинот Ноам Маранс од Американскиот еврејски комитет, монсињор Џејми Гигантиело, капелан на Противпожарната служба на градот Њујорк, како и имамот Тахир Кукиќи и отец Џорџ Анастасиу, капелан на Полициската служба на градот Њујорк, кои заеднички го прочитаа 34-от Псалм. По едноминутното молчење, Кардиналот Тимоти Долан – римокатолички архиепископ на Њујорк, го прочита 23-от Псалм, а протопсалтот на храмот „Св. Николај“, Димитриос Кациклис, го испеа псалмот на грчки. 

По изведувањето на погребната химна, отец Андреј го претстави следниот дел: сведоштва на тема „обнова и издржливост.“ Антула Кациматидес, чиј брат Џон загина за време на нападите на 11 септември, ги сподели своите размислувања за животот на својот брат и значењето на Светилиштето за семејствата, за градот Њујорк и за светот; Мајкл Арад, дизајнерот на Националниот меморијал и музеј за 11 септември, исто така, изложи размислувања за помнењето и издржливоста. 

Настанот заврши со завршните забелешки на Архиепископот Елпидофор, кои ги даде откако капеланите на полициската и противпожарната служба, отец Џорџ Анастасиу и монсињор Џејми Гигантиело, му подарија комеморативни шлемови за 11 септември. Во своите забелешки, Неговото Вископреосвештенство ја истакна важноста на одржувањето на овој парастос во храмот „Св. Николај“, на местото на кулите-близначки, нагласувајќи дека ова „воскреснато и обновено Божјо здание, кое беше уништено на 11 септември, е место, и навистина, палата на сеќавањето за сите,“ градено за да се оддаде почит на оние што ги дадоа своите животи тој ден обидувајќи се да спасат други, како и да ги повика во нашите умови и срца животите што беа изгубени. 

Архиепископот Елпидофор нагласи дека и покрај „различните традиции и различните животни искуства… сите ние споделуваме заедничка љубов и почит кон светоста на човечкиот живот,“ охрабрувајќи ги присутните да „се поврзат повторно во љубов со оние што ги загубивме – преку молитва, преку сеќавање, преку споделување на приказни и пополнување на тие празни страници во семејните албуми со потсетници на најдоброто во нив,“ бидејќи „она што беше најдобро во нив секогаш ќе остане дел од најдоброто во нас.“ 

Врз основа на овие зборови, по службата, православните свештеници, другите верски водачи и присутните учесници се собраа во љубов и заедничка хуманост, тажејќи за изгубените, а радувајќи се на убавината на денешниот парастос и надежта што ја претставува Грчката православна црква и Националното светилиште „Св. Николај“. 

Извор: https://orthodoxtimes.com/memorial-service-for-the-victims-of-9-11-at-ground-zero/