„Помесната Црква на Скопје не може да го носи името на Македонија“

Во среда, на 25 септември 2024 година, во посета на Солунската митрополија ќе пристигне Цариградскиот Патријарх Вартоломеј. Тој ќе учествува на прослава, која ќе се одржи во салата за свечености на Аристотеловиот универзитет во Солун. Настанот се одржува по повод стогодишнината од основањето на Лекарското здружение на Грција.

Солунската митрополија известува дека Цариградскиот Патријарх ќе престојува таму до четврток, 26 септември. Предвидено е и осветување на Меѓународниот онколошки центар. Во четврток тој ќе присуствува на Литургија во митрополитскиот храм „Св. Григориј Палама“.

Понатаму, од Солунската митрополија нагласуваат дека: „Присуството на Првиот на верата и на (на)родот, Вселенскиот Патријарх, претставува многу значаен настан за животот на градот и на Светата митрополија. За потврда на тоа доволно е само да го нагласиме фактот дека Сесветејшиот Вселенски Патријарх г.г. Вартоломеј е оној кој лично го сочува и го чува најчесното име на нашата Македонија, одредувајќи, заедно со неговиот Свет и свештен синод, дека помесната Црква на соседната држава, чиј главен град е Скопје, не може по, апсолутно, ниту една причина да го носи името на Македонија или каква било изведенка од него. Значи,  нашиот Солун, престолнината на нашата грчка Македонија, се радува и торжествува поради претстоечката посета на нашиот Вселенски Патријарх“.

Извор: https://www.romfea.gr/oikoumeniko-patriarxeio/65277-episkepsi-oikoumenikoy-patriarxi-stin-thessaloniki