Неговата Светост, српскиот патријарх г. Порфириј, одржа беседа на 8 јануари 2026 година на свечената академија во Бања Лука, Босна и Херцеговина, по повод крсната слава и Денот на Република Српска.
Во своето обраќање Патријархот Порфириј упати пораки за мир и помирување и помеѓу останатото, порача:
Денес го славиме Светиот архиѓакон и првомаченик Стефан, ја славиме неговата вера, надеж и љубов кон Бога и кон ближните, ја славиме победата на Крстот преку љубовта Божја. Со Свети Стефан знаеме дека е вистинито она што го говори Светиот апостол Павле кога вели дека „силата наша во немоќ се покажува совршена“ и дека „кога сме слаби, тогаш сме силни“ (2 Кор. 12, 9–10), односно кога однадвор се чини дека сме слаби, но не се потпираме само на себе и на своите сили и моќи, туку на благодатта Божја, на Неговата сила, на нашата верност кон Него, тогаш знаеме дека не само што не сме изгубени, туку дека веќе сега и овде сме победници. Зашто во мигот кога неправедниот суд му ја изрече и ја објави смртната казна, на Свети Стефан му се отворија небесата, тој Го виде Господа на престолот и знаеше дека неговата жртва не е залудна и дека последниот збор секогаш – и во животот на секој од нас, но и на крајот од историјата – Му припаѓа на Бога.
Затоа, имајќи доверба во љубовта Божја, Божјиот светител на клеветите, лагите и крајната неправда на светскиот суд не одговори со омраза. Омразата не го совлада, не зеде камен за да го фрли кон оние што му судеа, но не падна со духот, не беше изгубен ниту очаен, туку, напротив, уверен дека правдата на крајот ќе триумфира, со најдлабок мир им прости на оние што го убиваа и на Христос Господ, спротивно на логиката на овој свет, Му ја упати последната молитва за своите злосторници: „Господи, не сметај им го овој грев“ (Дела 7, 60), исто како што и Самиот Господ на Крстот се молеше за оние што Го распнуваа: „Господи, прости им, зашто не знаат што прават“ (Лк 23, 34). Еве ни го во ликот на Светиот архиѓакон и првомаченик Стефан Евангелието остварено на дело. Еве ни пример, еве ни патоказ, еве ни утеха!
Понатаму, Неговата Светост продолжи:
Во радоста на Божиќ и на денот на Свети Стефан, собрани сме овде како луѓе што знаат дека без Бога нема ниту вистински мир, ниту вистинска радост, а тоа ни е денес, овде и ширум светот, насушна потреба. Затоа, најнапред да ја бараме радоста во Бога, да имаме мир со Бога така што Неговото слово, Неговите заповеди, со еден збор – Неговото Евангелие – ќе бидат правило на нашиот живот. Тогаш ќе имаме мир со Бога, а потоа ќе можеме да ги разбереме и да ги држиме зборовите на апостол Павле кој вели: „Ве молам, браќа, во името на нашиот Господ Исус Христос, да нема меѓу вас разделби, туку да бидете утврдени во еден разум и во една мисла“ (1 Кор. 1, 10). Тоа го вели големиот апостол Павле, браќа и сестри, и тоа е збор што одекнува низ вековите и денес треба да нè разбуди и да ни биде точка на собирање, обединување и преиспитување на самите себе.
Затоа, да бидеме способни, браќа и сестри, потпирајќи се на оваа порака на апостол Павле, најнапред ние меѓу себе да имаме разбирање, да имаме слога, постојано да се помируваме меѓу себе, да се свртиме едни кон други, да ја надминеме секоја поделба и раздор, да си упатуваме благи зборови, зборови на братска љубов и зборови на прошка, зашто секој од нас треба да биде подобар и секој треба да се поправа. Секој на секого има што да му прости и секој од секого треба да бара прошка. Зашто, на крајот, верувајте – неопходни сме едни на други! Ако за тоа не сме свесни денес, кога светот се крши на многу парчиња, тогаш не сме достојни за љубовта Божја. Дури, бидете сигурни, едни без други никогаш не можеме! Затоа да бидеме едно, зашто еден сме народ, една вера, едно Тело Христово, една Црква, без оглед на тоа што како личности сме различни, што секој е неповторлив – слава Му на Бога што е така – и што секој има свој посебен дар. Тоа ни е дадено за во созвучје да бидеме еден букет и една сила, непобедлива и неразорлива.
Да бидеме навистина браќа и сестри. Во Светиот Дух, во Господа, имаме еден ист духовен пастир и татко – Светителот Сава. Да бидеме достојни за неговиот труд, за неговата љубов и за неговата светост, зашто само така одиме по патот на животот и само така ќе бидеме способни да градиме мир и со сите наши соседи, припадници на други народи и други вери. Без нив не можеме и тие ни се потребни, но не можат ни тие без нас и ние ним им сме потребни. Сите сме, во крајна линија, како икони Божји – деца Божји, и сите сме повикани кон познавање на вистината.
Обраќајќи се кон соседите, Патријархот Порфириј рече:
Затоа сакам, јасно и едноставно, да им порачам и на сите наши соседи, припадници на други народи и вери, а пред сè на верските водачи, дека сите ние, заради почестита, а со тоа и понапредна иднина – и наша и на нашите деца – сме должни да ја отфрлиме омразата и секој облик на насилство врз другиот, кој и да е тој. Затоа мораме безусловно да бидеме отворени за меѓусебно почитување и живот во мир, зашто знаеме дека секое човечко суштество е дар Божји и дека на секој човек му должиме љубов и мир што му припаѓаат.
Особено им се обраќам на младите, на сите страни, на кој и да припаѓаат народ и вера, со желба нивната иднина да тече во мир и да биде благословена: Не дозволувајте – и да не дозволиме сите заедно со вас – омразата да ви стане идентитет и огорченоста да ви биде храна. Чувајте го срцето, зашто, како што вели апостол Павле: „Не дозволувај злото да те победи, туку победи го злото со добро“ (Рим 12,21).
