Неколку поглавари на помесните Православни Црква испратија писма со поддршка до Неговото Блаженство Патријархот Антиохиски и на целиот Исток г.г. Јован Десетти, по најновите ужасни убиства и прогони на невини цивили во Сирија.
Цариградскиот Патријарх г.г. Вартоломеј и архијереите-членови на Светиот Синод на Цариградската Патријаршија, во своето писмо објавено на 11 март 2025 година, ја изразуваат едногласната поддршка и братска солидарност со Антиохискиот Патријарх и архијереите на Антиохиската Патријаршија, со целокупниот народ на оваа древна Црква, и со сите христијани на Сирија
Во писмото се изразува желбата веднаш да престане секое дејствие на насилство и крвопролевање, да се зачува општествениот мир во оваа многустрадална земја, да бидат заштитени цивилите, како и членовите на сите верски и етнички заедници.
„Најтажните загуби на човечки животи, свирепостите, насилните прогони против христијанското население, како и против други верски и етнички малцинства, сведочат за ќор-сокакот во кој западнуваат луѓето и народите кога не владеат мирот и правдата. На Вашата возљубена нам Блаженост и на Вашата Света Црква ѝ беше судено неодамна да го искуси и ова болно мачеништво, поднесувајќи несреќи и страдања.“
„Секогаш, а особено во времиња на бури и тага, Црквата на Константинопол и јас лично, со целата душа и мисла сме покрај Вашето Блаженство, покрај браќата архијереи околу Вас, покрај свештенството и возљубениот и благословен нам православен народ, со најдлабока и искрена љубов и со ревносна молитва кон Господа на милоста, на утехата и на сожалувањето, потпирајќи ја чесната рака на Вашата Љубов“ – забележува меѓу другото Неговата Сесветост и продолжува:
„Ги повикавме свештенството и народот на сите епархии низ светот што се под Свештениот Вселенски Престол да ги засилат своите молитви кон Кнезот на Мирот и Богот на Љубовта, за да ги заштити нашите браќа христијани и воопшто цивилното население на Сирија. Воедно ја изразивме и желбата раководството на земјата да интервенира за да се спречи натамошно крвопролевање и да се заштитат членовите на сите заедници што живеат таму.“
На 10 март годинава Рускиот Патријарх г.г. Кирил испрати писмо во кое, помеѓу останатото вели вели: „Откако ги примив вознемирувачките вести за трагичните настани во Сирија и за загинувањето на многубројни невини луѓе, меѓу кои и наши браќа христијани, сакам да ја изразам својата искрена поддршка на Вашето возљубено Блаженство и на апостолската Црква на Големата Антиохија што Вие ја предводите.“
„Во целост ги поддржуваме Вашите напори насочени кон заштита на христијанската заедница во Сирија и воспоставување мир и единство во земјата. Ве уверувам, драг брате, дека Руската Православна Црква, која и самата низ историјата го позна горчливото искуство на страдања, особено се моли во овој час на искушенија за својата Сестра – Антиохиската Црква и за нејзините чеда. Го молам Милостивиот Господ да ја сочува Антиохиската Црква од секакви зла и напасти, да го утеши и да го благослови Својот народ со мир (Пс. 28, 11) на изранетата сириска земја“ – завршува Патријархот Кирил.
И Српскиот Патријарх г.г. Порфириј се обрати со писмо, во објавено на 12 март, во кое вели: „Со крајно неверување и со голема тага ги примивме вестите за невидените и страшни злосторства што овие денови се извршуваат врз христијаните и врз малцинските исламски групи – алавити и шиити, во древна и маченичка Сирија.
За нас, православните христијани, секој човек, без разлика на верата или народот, е икона Божја и чувар на светоста на животот. Затоа нашата тага е уште поголема, бидејќи изминативе денови илјадници недолжни и незаштитени Сиријци станаа жртви на мачења и страдања од страна на оние што сега се официјална власт.
Повеќе пати сум говорел, но и сега го повторувам, дека Истокот и Западот се поврзани садови и дека сегашното страдање на народот во Сирија лесно може да се пренесе и во други делови на светот. Затоа, со сета своја сила викам и апелирам од тронот на најголемиот миротворец во српскиот народ – Свети Сава, до сите одговорни фактори како во Сирија така и во меѓународната заедница, најитно да преземат конкретни чекори за заштита на загрозеното население и за запирање на злосторствата.“
„Ги молам и сите членови на Српската Црква, нашиот народ и свештенството, на својот великопосен подвиг да му придодадат и искрени молитви за покој на душите на сите сиријски страдалници и за утеха и заштита на нивните ближни. Молејќи се за нивното добро и за мир во нивната земја, ќе се покажеме како вистински чеда на Небесниот Отец и како вистински умножувачи и чувари на мирот и доброто во севкупниот хаос на денешницата“ – повикува Српскиот Патријарх.