Поранешниот поглавар на Финската црква осуден за финансиска измама

Финскиот окружен суд на Северна Карелија со својата одлука од 27 февруари 2026 година го осуди поранешниот поглавар на Финската Православна Црква, Неговото Високопреосвештенство вомировениот Архиепископ Лав (Маконен), на една година и еден месец условна затворска казна „за измама со државни субвенции при отежнувачки околности и измама со финансиско известување при отежнувачки околности“.

Пресудата се однесува на дејноста на вомировениот Архиепископ Лав како претседател на управниот одбор на Друштвото за карелски јазик во периодот од 1995 до 2020 година. Поранешниот секретар на друштвото е осуден на иста условна затворска казна за истите кривични дела. И на архиепископот Лав и на поранешниот секретар на друштвото им е наложено исто така да исплатат финансиска отштета – известува интернет страницата на Финската Православна Црква.

Иако прекршувањата разгледувани пред судот не се поврзани со дејноста на Финската Православна Црква, тие сепак се однесуваат на епископ на Црквата, па финските црковни власти веднаш ќе ја известат Цариградската Патријаршија, под чија јурисдикција е автономната Финска Православна Црква, за пресудата донесена од окружниот суд.

Финските медиуми известуваат дека Архиепископот Лав и поранешниот секретар на друштвото се задолжени да му надоместат на Министерството за образование и култура, со камата, повеќе од 160.000 евра штета предизвикана со кривичното дело. Дополнително, самиот архиепископ треба да плати повеќе од 9.000 евра отштета на министерството. Исто така, осудените ќе треба да ги платат и судските трошоци на министерството, кои изнесуваат повеќе од 30.000 евра.

Друштвото за карелски јазик е основано во 1990-тите години со цел оживување на карелскиот јазик и култура. Друштвото прогласи банкрот во 2020 година. Во периодот од 2017 до 2019 година, Друштвото за карелски јазик добило од Министерството за образование и култура вкупно половина милион евра специјални државни субвенции за оживување на карелскиот јазик. Покрај тоа, друштвото добивало и други јавни финансиски средства.

Окружниот суд утврди дека не постоела евиденција за работното време, а осудените му давале неточни информации на министерството во врска со таа евиденција. Тоа довело до тоа друштвото неосновано да задржи добиени субвенции.

Одлуката на судот не е конечна и може да биде обжалена пред Апелациониот суд.

Извор: https://ort.fi/news/emeritus-arkkipiispa-leolle-tuomio-karjalan-kielen-seuran-talousepaselvyyksin-liittyvassa-rikosjutussa/ и https://yle.fi/a/74-20206965