Посета на Цариградскиот Патрхијарх Вартоломеј на Грција

Од 4 до 8 мај 2026 година, Цариградскиот Патријарх Вартоломеј престојуваше во грчката престолнина Атина на повеќедневна официјална посета. Оваа посета се совпадна со 35-годишнината од неговото патријаршиско служење и 65 години од неговата свештеничка служба.

Свечен пречек

На денот на пристигнувањето, на 4 мај, патријархот беше пречекан на аеродромот од претседателот на грчкиот Парламент, Никитас Какламарис, и министерката за образование Софија Захараки.

Средба со Атинскиот архиепископ и одликување за еколошките заложби

Истата вечер, Патријархот ја посети Атинската Архиепископија, каде се сретна со Архиепископот Атински и на цела Грција Јероним. По средбата следуваше свеченост во Градската куќа на Атина, на која му беше доделена почесната титула „Заштита на еколошкото наследство“ во признание на неговата долгогодишна посветеност на еколошките прашања и „зелената теологија“.

Обраќање пред парламентот

Наредниот ден, на 5 мај, првпат по 27 години Патријархот Вартоломеј се обрати пред специјална пленарна седница на грчкиот Парламент. Претседателот на Парламентот, Никитас Какламарис, го опиша настанот како момент на национална гордост, а патријархот го доби и „Златниот медал на Парламентот“. Во својот говор тој зборуваше за човечкото достоинство, еколошката криза, потребата од мир и дијалог, истакнувајќи ја улогата на Фанар како чувар на православното единство.

Почесен докторат за Евангелос Венизелос

На 6 мај, Патријархот присуствуваше на свечената церемонија во Националниот Каподистриски Универзитет во Атина, на која поранешниот заменик-премиер и истакнат уставен правник, професорот Евaнгелос Венизелос, беше прогласен за почесен доктор на Правниот факултет и на Катедрата за теологија.

Присуството на Вартоломеј, кој самиот е почесен доктор на овој универзитет, даде потврда за долгогодишните академски врски и признание за неговиот придонес во теологијата, екологијата, човековите права и меѓукултурниот дијалог.

Средби со властите на Грција

Посетата продолжи со низа високи средби со претседателот Константинос Тасулас, премиерот Киријакос Мицотакис и други политички и верски лидери. Грчките медиуми постојано ја истакнуваа тесната и историска врска меѓу Грција и Цариградската Патријаршија, зборувајќи за „безрезервна поддршка“ и заедничка заложба за зачувување на православието, културата и грчкиот идентитет во современите предизвици.

На 7 мај, Грчкиот министер за надворешни работи Горгиос Герапетритис приреди официјален свечен ручек во чест на Патријарх во еден централен хотел во Атина.

Американска амбасада

На последниот ден од престојот во Грција, Патријархот Вартоломеј се сретна со американската амбасадорка Кимберли Гилфојл во Атина. Според соопштение објавено од Амбасадата на САД на социјалните мрежи, средбата се фокусирала на долгогодишните духовни и културни врски меѓу САД и Грција, како и на прашања поврзани со верската слобода и заштитата на верските заедници во поширокиот регион.

„Трајните духовни и културни врски меѓу Соединетите Американски Држави и Грција беа во центарот на средбата во Атина меѓу амбасадорката Кимберли Гилфојл и Вселенскиот Патријарх Вартоломеј I“, соопшти амбасадата.

Одликување од Грчкиот Црвен крст

Посетата заврши на 8 мај со дополнителни културни и хуманитарни настани, меѓу кои и чест од страна на Грчкиот Црвен Крст во Јонскиот центар. За време на настанот, претседателот на Грчкиот Црвен крст, д-р Антониос Авгеринос, му го додели на Патријархот највисокото почесно одликување на организацијата — Златен крст со златна ловорова гранка — како признание за неговото духовно, добротворно, социјално и хуманитарно делување, како и за неговиот придонес кон Православието и пошироката меѓународна заедница.

Извор: https://orthodoxtimes.com/greek-pm-meets-ecumenical-patriarch-discuss-middle-east-christians-and-reopening-of-halki/