Посета на Претседателот за Одделот за надворешни црковни врски на Руската Црква на Ирак

На 27 септември 2025 година, со благослов на Патријархот Московски и на сета Рус Кирил и по покана на Претстојателот на Асирската Црква на Исток, Католикос-Патријархот Мар Ава III, претседателот на Одделот за надворешни црковни врски на Московската Патријаршија, митрополитот Волоколамски Антониј, пристигна во главниот град на Курдскиот автономен регион на Ирак – градот Ербил.

Следниот ден, на 28 септември митрополитот Антониј, учествуваше на пленарната сесија на Меѓународната конференција на Асирската Црква на Исток, посветена на 1700-годишнината од Никејскиот собор, што се одржува во Католичкиот универзитет во Ербил. Форумот го предводеше Претстојателот на Асирската Црква на Исток, а учествуваа претставници на Антиохиската Патријаршија, Халдејската Католичка Црква, Сириската Црква, Сиро-Католичката Црква во Курдскиот регион, Асирската Црква на Исток и други христијански конфесии во Ирак, како и научници, библисти, историчари и богослови од различни земји во светот.

Пред собраните се обрати митрополитот Волоколамски Антониј кој истакна дека пределите на древна Месопотамија се земја која „го чува сеќавањето на праотците и пророците од Стариот Завет што тука живееле, како и на светите апостоли кои го проповедале Евангелието на почетокот на христијанската ера, меѓу кои апостолите Тома, Тадеј и Марија, почитувани како просветители на Истокот“.

Во тој контекст, митрополитот Антониј нагласи дека „Првиот Вселенски собор во Никеја, кој денеска го спомнуваме, има посебно значење за сите нас. Овој настан останува почетна точка за консолидирање на целиот христијански свет, за формирање на најважните догматски одредби и богословието во целина. Соборниот опит во правилното толкување на основните богословски поими и неговиот пристап во разрешување на споровите во дух на искрено, заедничко барање на вистински решенија секогаш останува актуелен. Конечно, учесниците на тој Собор дадоа извонреден пример на христијанско единство, инспирирани од зборовите на светиот апостол Павле, кој учеше дека постои еден Бог и Отец на сите, Кој е над сите, и преку сите, и во сите нас (Еф. 4, 6)“.

Митрополитот Антониј изрази уверување дека „проучувањето на наследството на Првиот Вселенски собор и неговите учесници – светите отци на Црквата – може да придонесе за правилно разбирање на причините за многу трагедии од минатото и да помогне тие да не се повторат во иднина“.

Понатаму во текот на посетата на Ирак, владиката Антониј се сретна и со поглаварот на Асириската Црква на Исток, со раководителот на одделот за меѓународни односи на Курдскиот автономен регион, со претставници на христијанските заедници во Ирак, со премиерот на Ирачки Курдистан, Масрур Барзани, со националниот лидер на курдскиот народ, Масуд Барзани, како и со православниот епископ до Антиохиската Патријаршија, митрополитот Гатаз, управител на Багдадската и Кувајтската епархија.

Извор: https://mospat.ru