Светиот Синод на Црквата на Грција на 19 август 2025 година упати пастирско послание до „христоименуваната полнота на Црквата“ во врска со разурнувачите пожари кои ја зафатија Грција, но и целиот поширок регион. Во продолжение ова послание го пренесуваме во целост.
Возљубени чеда во Господа,
Светиот Синод на Црквата на Грција ја чувствува голема потреба да ви се обрати за да ја изрази, на овој начин, татковската грижа и љубов, поддршката и солидарноста на Црквата особено кон оние што беа погодени од разурнувачките пожари, кои, за жал, и оваа година, горат многу делови од нашата татковина. Главна особеност на последните пожари е нивната жестокост, интензитет и навлегувањето во населени подрачја.
Со душевна болка, голема тага, вознемиреност и усрдна молитва жалиме за загубата на човечкиот живот, за изгорените лица и за душевните рани на луѓето, предизвикани од оваа ненадејна несреќа. Се натажуваме за изгорените домови, имоти, шуми, за истребувањето на животинскиот и растителниот свет и, главно, за уништувањето на самиот живот, бидејќи разурнувањето на природната средина суштински придонесува за исчезнување на предусловите за продолжување на животот.
Пожарите го нарушуваат екосистемот на планетата и климатските услови. Мртвите дрвја не можат да дадат живот, убавина, кислород, не можат да ги запрат поплавите и да ги задржат почвите од ерозија, ниту пак да придонесат за обновување на подземните води. Огнената стихија носи големи штети на рамнотежата и психофизичкото здравје на човекот, натрупува бројни социјални, економски, егзистенцијални и други тешко решливи проблеми и, со еден збор, станува главна причина за депресија, гнев и обесхрабрување на човекот.
Затоа, возљубени браќа, Црквата не престанува да проповеда, со дела и зборови, дека ако не го засакаме и не го заштитиме природниот свет, кој претставува едно таинствено Евангелие што на свој начин ги објавува величијата Божји, тогаш ќе бидеме неблагодарни кон Бога и одговорни пред човекот, кој е неразделен дел од околината. Затоа сите сме должни евхаристиски да го почитуваме природниот свет како создание Божјо и да го чуваме, да се грижиме за него, за да го предадеме неоштетен на идните поколенија.
Светителите Божји ги почитувале и ги заштитувале созданијата Божји, преку кои се изразува величието на Неговата сила и бескрајната мудрост. На пример, преподобниот Амфилохиј од Патмос, ученик на свети Нектариј Егински, го сакал и се грижел за природата, особено за дрвјата. Затоа велел: „Кој сади дрвја, сади надеж, мир, љубов и ја има благословеноста Божја“. Од оние што се исповедале барал, како знак на покајание, да засадат едно дрво.
На крај, и без да сееме страв, сме должни да нагласиме дека сме стигнале до крајна граница на злоупотреба, експлоатација и уништување на природата. Последните пожари треба да придонесат за будењето на сите нас. Државата треба да ја земе многу сериозно предвид трагичноста на ситуацијата и навремено да усвои соодветни превентивни и репресивни мерки за справување со оваа светска несреќа. Граѓаните треба постојано да вложуваат секој можен напор за заштита на шумите и природата воопшто. Црквата треба усрдно да препорачува почит и љубов кон творбата Божја и, во соработка со надлежните државни служби, да ги воспитува луѓето во таа насока. Сите треба да ја негуваме свеста дека сме чувари на природата и одговорни за нејзиното спасение.
Потоа, честитајќи и пофалувајќи од срце на Противпожарната служба и на сите нивни соработници и доброволци, за нивниот жртвен дух и титанските битки што ги даваат во гаснењето на пожарите, се молиме Пресветата Богородица, чија Успение неодамна го празнувавме, секогаш да нè чува, да го покровителствува нашиот народ и целиот свет и да ја одржува во нас жива верата, надежта, молитвата и покајанието.
Со многу татковски молитви и љубов во Господа,
Јероним, Архиепископ Атински, Претседател, со членовите на Синодот.
