Послание од Неговото Блаженство Патриjарх Eрусалимски Теофил III, на Рождество, 2024 година

Слава во висините
на Бога, Кој е во Троица,
преку Кого се покажа добрата волја меѓу луѓето,
Адама избавувајќи го
од првородната клетва, како Човекољубец.
(Тропар на Шестиот час на Претпразништвото на Рождество)

Оваа радосна вест за искупувањето на човечкиот род ја доживуваме во светите Дванаесет денови на Рождеството Христово, особено во оваа трогателна ноќ, којашто едната, света соборна и апостолска Црква Христова им ја проповеда на своите чесни членови и му ја објавува на целиот свет.

Таа му вознесува слава, благодарност и славословие на Триедниот Бог во висините, на Отецот, Синот и Светиот Дух, за Неговите добри дела на човечкиот род, за даруваното простување и искупувањето од клетвата што му беше наложена на човекот поради нарушувањето и падот на Праотецот. Гревот на еден човек ги донесе темнината, метежот, распадливоста и смртта што го совладаа целото човештво. Човекот, како изгонет од Рајот, стана играчка на ѓаволската сила, вовлечен од ѓаволот во делата на расипаноста, бидејќи не можеше да го гледа лицето на својот Творец.

Од оваа болна падната состојба, неизмерната Божја љубов го воскресна човекот. Дејствувајќи од љубов, Бог Отецот „го измири светот со Себе преку Христа” (2 Кор 5, 19), „и кога се исполни времето, Бог Го испрати Својот Син, Кој се роди од жена и се потчини на Законот, за да ги откупи оние, што се под Закон, та да примиме посиновение.” (Гал 4, 4-5). Синот и Божјо Слово, „бидејќи Бог по природа, непроменливо зеде на Себе вистински човечки облик”. Тој го прими целиот човек, како што Црквата пее: „Ти, ме прифати мене целиот, со неслиено соединување”. Бог дојде во светот „кај оние што се оддалечиле од Неговата благодат” и, според зборовите на свети Кирил Александриски, се „соедини” со нив: „Тој се воплоти, стана човек”. Како што вели евангелистот Јован: „Словото стана тело и се всели меѓу нас” (Јн 1,14), а како што догматски е потврдено и на Првиот вселенски собор во Никеја, чија 1700-годишнина Црквата ќе ја слави оваа година, исповедајќи во Символот на верата: „Кој заради нас луѓето и заради нашето спасение слезе од небото и се воплоти од Светиот Дух и Марија Дева и стана човек”.

Ова натприродно таинство им беше видливо откриено на луѓето во Витлеем, „кој по ништо не е помал меѓу војводствата Јудини” и во таа скромна и благословена пештера, во времето на кесарот Октавијан Август, кога, според зборовите на евангелистот Лука, Богородица „Го роди својот Син првенец, Го пови и Го положи во јасли” (Лк 2, 7). За Својот Син, Кој стана Младенец, роден во пештера и положен во јасли, Ангел на Неговиот голем совет и Началник на светот, Бог ги повика мудреците со ѕвездата, „како први плодови на Црквата од народите”, кои, откако дојдоа, принесоа дарови и се поклонија, „зашто Го видоа Бесконечниот како лежи како Младенец во пештера”. На сличен начин Тој ги повика и „пастирите кои бдееја во полето” преку војската на ангелите „небесни, кои го слават Бога и велат: Слава на Бога во висините, а на земјата мир, меѓу луѓето добра волја” (Лк 2, 13-14).

Ова дело на мирот на земјата, според добрата волја на Отецот, го исполни Воплотениот Син и Слово Божјо, нашиот Господ Исус Христос, во текот на целото време на Неговата земна Промисла. Тој проповедаше покајание, исцелуваше болни, воскреснуваше мртви, ги повика дванаесетте ученици и ни подари простување на гревовите преку пролевањето на Својата крв на Крстот. Со Неговото Воскресение од мртвите, Тој го совоскресна човекот. Со Своето Вознесение Тој го прими човекот т.е. сето човештво што го прими и седна оддесно на Отецот и „го обожи”, како што вели Григориј Богослов: „Преку Воплотувањето Божјо, човекот беше обожен” (PG 37,180А). Тој им го испрати од Отецот Светиот Дух, Утешителот, на Своите ученици, со што преку нив ја воспостави Црквата во светот, која Тој ја стекна со Својата скапоцена крв.

Од времето на Светата Педесетница, Црквата низ целиот свет го овековечува осветувачкото и искупително дело на нејзиниот Основач. Таа проповеда, ги крштева и ги осветува своите членови преку светите Тајни. Таа извршува добротворна дејност за сите што имаат потреба. Таа покажува љубов на дело дури и кон оние што војуваат против неа.

Ерусалимската црква, Црквата на Светите места, Мајката на сите Цркви, од почитуваната и богоприемна Пештера, од јаслите и Константиновата базилика на Рождеството Христово, повикува на прекин на војната во Светата земја и поширокиот регион на Блискиот Исток. Таа се моли за заштита на сите жители на Светата земја, за членовите на нејзината паства, за страдалниците во Газа, за оние што бараат засолниште во манастирот „Свети Порфириј“ и за благочестивите поклоници на празникот Рождество Христово.

Во Светиот град Витлеем, Рождество, 2024 г.

Теофил III, Патријарх Ерусалимски

Извор: https://ru.jerusalem-patriarchate.info/послания-его-блаженства/послание-его-божественного-блаженст-11/