Грузиската Православна Црква во сабота, на 25 април, ќе отслужи 40 дневен помен за блаженоупокоениот Католикос-Патријарх Илија II. По тој повод црковните претставници ја открија и неговата последна желба упатена до верниот народ.
Патријархот побарал секој Грузиец, за слава Божја, да исправи барем една своја лична слабост и засекогаш да се откаже од неа.
„Ако секој од нас го направи тоа и во името на нашиот Патријарх, замислете колкава Божја благодат и милост ќе се излее врз нашиот народ, колку ќе го израдуваме Неговата Светост и Блаженство и колкава помош ќе биде тоа и за неговата душа, и за нашите души“, се вели во соопштението на Црковната служба за односи со јавноста, објавено во средата.
Патријархот Илија II се упокои на 17 март 2026 година, по 48 години на патријаршискиот престол.
Според христијанското учење, 40-тиот ден има особено значење. „Врз основа на делата извршени на овој свет, на 40-тиот ден душата се утврдува на местото што нема да се промени до Второто доаѓање“, се објаснува во соопштението.
Црквата посочува дека цела Грузија се моли за упокоениот Патријарх, при што многумина бараат начини да го почитуваат неговиот спомен не само преку молитва.
„Многу е важно, на пример, да се прават добри дела за ближниот“, се наведува во соопштението, нагласувајќи различни начини на кои верниците можат да помогнат за душата на упокоениот Патријарх.
