Неговата Светост Српскиот Патријарх Порфириј на 8 мај 2026 година, на празникот на светиот апостол Марко, во просториите на Српската Патријаршија во Белград, потпиша со претседателот на Владата на Србија, проф. д-р Ѓуро Мацут, Меморандум за разбирање меѓу Република Србија и Српската Православна Црква за соработка во основањето на Српскиот Православен Универзитет „Свети Сава“.
По потпишувањето на Меморандумот, на присутните на свеченоста најнапред им се обрати претседателот на Србија, г. Александар Вучиќ, кој нагласи дека народ без образование нема иднина и дека „нашето просветителство никогаш не било одвоено од верата“. Тој исто така наведе дека државата ќе му пружи секаква помош и поддршка на Универзитетот „Свети Сава“ и посочи дека на тој Универзитет децата ќе имаат можност да стекнуваат извонредно знаење и да го негуваат патриотизмот и љубовта кон татковината.
„Универзитетот ‘Свети Сава’ ќе биде место каде што теолошкото образование на идните свештеници ќе се одвива рамо до рамо со студиите по медицина, право, природни и технички науки, уметност. Како што стои во Меморандумот, секој повик заснован врз трајните вредности на вистината, доблеста, знаењето и взаемното почитување придонесува за изградба на праведно и одговорно општество“, рече меѓу другото претседателот Вучиќ.
Неговата Светост Српскиот Патријарх г. Порфириј рече дека со основањето на Универзитетот „Свети Сава“ продолжува длабокиот и историски втемелен просветен пат на Српската Православна Црква, српскиот народ и српската држава.
„Црковните универзитети и високообразовните установи што ги основаат или поддржуваат христијанските Цркви не се никаква новост во европскиот и светскиот образовен простор, туку напротив, тие претставуваат една од неговите најстари и најзначајни форми“, рече Неговата Светост и нагласи дека „многу од најугледните универзитети во Европа настанале токму во прегратките на Црквата или со нејзина непосредна поддршка, а на пример, бројни римокатолички високообразовни установи и денес дејствуваат ширум светот како признати центри на образованието, науката и културата“.
Наведувајќи примери, Патријархот посочи дека „овој модел на образование покажува долг историски континуитет и целосна современа релевантност“, па затоа „основањето на Универзитетот ‘Свети Сава’ не претставува преседан, туку природно вклучување во една веќе постоечка и широко прифатена европска и светска академска традиција“.
Историјата на грижата на Српската Православна Црква за просветувањето на народот е долга, слоевита и богата и не може да се сумира во неколку пригодни реченици, додаде Неговата Светост и напомена дека токму во рамките на општиот европски модел се развивало и српското образование во времето на Свети Сава.
„Основaњето на Универзитетот ‘Свети Сава’ е res publica, во најдостоинственото значење на тој збор: грижа за јавното и општото добро, за квалитетното образование на младите генерации и за иднината на општеството во целина“, рече Патријархот Порфириј и нагласи дека „со тоа Црквата не се затвора во сопствениот тесен простор, ниту се оддалечува од современото општество, туку напротив, останува присутна во него и ги отвора своите врати, ставајќи го своето духовно, просветно и културно искуство во служба на целата заедница. Затоа овој чин, да го нагласам и тоа, не е насочен против никого, туку претставува израз на одговорност и грижа за сите што сакаат своето образование да го стекнат во нејзините рамки, особено поради фактот што образованието и просветувањето, студирањето, не ги разбираме исклучиво и само како процес на стекнување одредени знаења, туку и како истовремено развивање на доблеста“, рече Српскиот Патријарх г. Порфириј.
„Значи, во созвучјето на знаењето и доблеста можеме да зборуваме за вистинско и правилно просветување кое, во најдлабока смисла на зборот, е напредок на поединецот и на целиот народ. Оттука и овој наш чин и нашата одлука претставуваат пред сè обид, потпирајќи се врз преданието и традицијата на нашата Црква, нашиот народ и нашата држава, а истовремено вклучувајќи се во сите најмодерни и најсовремени стандарди на образованието и науката, да започнеме едно дело за кое веруваме дека исклучиво и само со Божја помош може да донесе добро за секого од нас поединечно, но и за целиот народ и нашата држава“, рече Неговата Светост и изрази благодарност до претседателот на Србија, претседателот на Владата и до сите што извршуваат соодветни и одговорни функции во општеството и државата за вистинската, реална и суштинска поддршка, без која не би било можно да се оствари овој проект и „патот по кој сакаме да одиме и по кој цврсто чекориме — патот на Универзитетот ‘Свети Сава’, втемелен врз вредностите и етосот, во крајна линија, на православната вера, а во организациска смисла обликуван според примерот на современите универзитети“, заклучи Српскиот Патријарх г. Порфириј.
