Повеќе од 20.000 луѓе се поклониле пред Иверско-Монтреалската Хавајска икона на Пресвета Богородица во текот на првите четири дена од нејзиното престојување во Софија – известува бугарскиот црковен портал „Двери“. Само во првите три дена бројот на поклониците бил околу 12.000. Редиците пред митрополитската катедрална црква „Св. вмч-ца Недела“ се формирале уште од почетокот на утринското богослужение во 8:30 часот.
Иконата пристигнала во престолнината на 31 јули, во пресрет на Богородичниот пост, и најнапред била пречекана во митрополитската црква „Св. Марина“, во дворот на Софиската света митрополија. Таа била донесена од делегација на Руската Православна задгранична Црква, предводена од Лондонскиот и Западноевропски епископ Иринеј. Со делегацијата пристигнал и чуварот на иконата, свештеникот Нектариј Јангсон. Почитуваната икона, која мироточи од 2007 година, ќе остане во Бугарија до 19 август, и ќе биде однесена на поклонение и во други епархии во земјата.
На 1 август, на празникот Изнесување на Чесниот Крст, иконата свечено била пречекана во старинската софиска црква „Св. Софија – Премудрост Божја“, каде што Бугарскиот патријарх и Софиски митрополит Даниил отслужил света Литургија. Во своето слово патријархот Даниил му се заблагодарил на Архиерејскиот синод на Руската православна задгранична црква за овозможената можност иконата да биде донесена во Бугарија.
На 2 август, во неделниот ден, патријархот Даниил повторно отслужил света Литургија во црквата „Св. Недела“. Во богослужението учествувале епископ Иринеј, Велбуждскиот епископ Исак, свештеникот Нектариј Јангсон, храмовото свештенство и други свештенослужители од престолнината. На крајот од Литургијата Бугарскиот патријарх говорел за црковното разбирање на почитувањето на светите икони и потсетил дека верниците не се поклонуваат на материјалот од кој е изработена иконата, туку на првообразот што е изобразен на неа.
Од своја страна, Лондонскиот епископ Иринеј прочитал обраќање од митрополитот Николај, првојерарх на Руската задгранична црква. Тој му подарил на патријархот Даниил икона со Иверскиот образ на Пресвета Богородица. Истото попладне во салата „Егзарх Стефан“ при Софиската света митрополија била одржана беседа за историјата на Хавајската икона и за сведоштвата поврзани со нејзиното мироточење.
Вечерта патријархот Даниил отслужил архиерејска вечерна богослужба со Молебен канон кон Пресвета Богородица во црквата „Св. Недела“. Во сослужувањето учествувале епископите Иринеј, Герасим и Исак, свештенослужители од делегацијата на Руската задгранична црква и свештенството од престолнината.
Во своето слово патријархот Даниил се осврнал на евангелскиот расказ за посетата на Света Богородица на праведната Елисавета и на зборовите: „Од каде ми е ова – да дојде при мене мајката на мојот Господ?“ (Лука 1:43). Тој ги повикал верниците да ја следат пораката на Божјата Мајка од свадбата во Кана Галилејска: „Што и да ви каже, направете“ (Јован 2:5).
На 3 август Хавајската икона била однесена и во Универзитетскиот клинички центар за итна медицинска помош „Н. И. Пирогов“, за болните кои немаат можност да ја посетат црквата „Св. Недела“ да можат да се поклонат пред неа. Иконата останала во здравствената установа околу еден час. Бугарскиот патријарх Даниил ги благословил болните, по што светата икона била вратена во катедралниот храм, каде што поклонението продолжило до 16 часот.
Следниот ден поклонението во црквата „Св. Недела“ продолжило од утрото, а редицата од верници кои чекале се протегала по плоштадот, од страната на Богословскиот факултет до катедралата. На 3, 4 и 5 август иконата била во катедралата до 16 часот, по што, заедно со делегацијата која ја придружувала, ги посетувала духовните околии на Софиската епархија, каде што бил отслужуван и Молебниот канон.
Престојот на Хавајската икона во Софија завршил на 5 август, по што таа го продолжила својот пат низ земјата. Поради зголемениот интерес и желбата на верниците, на 5 август, среда, чудотворната Хавајска мироточива Иверска икона на Пресвета Богородица останала за поклонение во црквата „Св. вмчца Недела“ од 7 до 16 часот. Потоа иконата отпатувала за Дупница, каде што во 18 часот била пречекана во црквата „Св. Георги“.



Извор: https://dveri.bg/component/com_content/Itemid,100723/catid,14/id,75216/view,article/

