Повик на ПЦУ за дијалог

На 2 февруари 2026 година на официјалната интернет страница на ПЦУ (Православната Црква на Украина чија автокефалност доделена од Цариградската Патријаршија останува широко непризнаена во православниот свет) објавено е обраќање од Синодот на ПЦУ адресирано до „православните верници, свештенството и архијереите во Украина, кои зависат од позицијата на Руската патријаршија“.

Коментарите од украинските црковни аналитичари велат дека документот е наменет за надворешна публика, пред сè за Цариградската патријаршија. Во текстот објавен од Сојузот на православни журналисти на 5 февруари се забележува дека наместо официјалното име „Украинска Православна Црква“, авторите на обраќањето употребуваат понижувачка формулација: „оние кои зависат од позицијата на Руската патријаршија“.

„Секој искрен повик на дијалог започнува со обраќање со почит кон соговорникот, со признавање на неговото достоинство и правото на сопствен став. Во овој случај го гледаме спротивното. Од првите зборови авторите покажуваат желба да го понижат адресатот, да му залепат веќе излитени етикети, чија цел е уште еднаш да се нагласи дека Украинската Православна Црква не е самостојна Црква, туку некаква ’зависна структура’. Јасно е дека ваквите зборови не водат кон дијалог“ – се вели во освртот и се дообјаснува дека: „ваквата формулација создава апсурдна ситуација: Украинската Православна Црква формално дури и нема причина да реагира на овој текст, бидејќи тој е упатен до ’оние кои зависат од позицијата на Руската патријаршија’. Конкретно, за кого станува збор? Ако станува збор за УПЦ, тогаш таа не зависи од позицијата на Руската патријаршија. Тогаш, на кого му е упатено обраќањето? На Црква со такво име? Таа не постои. Излегува дека обраќањето е напишано во празно – за форма, за создавање привид на дијалог таму каде што тој воопшто не бил планиран“.

Официјален одговор од Украинската Православна Црква на овој повик до сега нема. Митрополитот Запорошки и Мелитополски Лука, од Украинската Православна Црква, на својот канал на Телеграм на 5 февруари објави сопствен коментар на повикот со наслов „За вистинското единство и за политичките манипулации“, кој го пренесоа грчките црковни медиуми, во кој, помеѓу останатото вели:

„Ние не го отфрламе дијалогот. Но дијалогот не е согласност на вашите услови. Тоа е заеднички пат кон вистината, на кој:

1. Се признава рамноправноста на оние што го водат дијалогот (се напушта политичко-идеолошката поделба на Украинците на „правилни“ и „неправилни“).

2. Се прекинува насилството врз нашите парохии, како и другите ограничувања на правата на УПЦ.

3. Канонските прашања се решаваат не преку мешање на државни или надворешни структури, туку согласно со вековната православна традиција. Таков пат на решавање на конфликтите гледавме во примерите на Бугарската Црква, Македонската и Српската Црква.“

Извор: https://www.romfea.gr/epikairotita-xronika/74758-apantisi-zaporozie-se-epifanio-dialogos-i-telesigrafo, https://spzh.eu/ru/zashhita-very/90621-chto-stoit-za-novym-prizyvom-ptsu-k-dialohu и https://www.pomisna.info/uk/vsi-novyny/zvernennya-svyashhennogo-synodu-do-pravoslavnyh-virnyh-duhovenstva-ta-iyerarhiv-v-ukrayini-yaki-zalezhat-vid-pozytsiyi-rosijskogo-patriarhatu/