Раководството на Почаевската лавра „Успение Богородично“ во Тернополската област во западна Украина, едно од најсветите места на Украинската Православна Црква, ги повикува верните православни христијани на три дена молитва и строг пост во пресрет на судската постапка со која државата сака да ја забрани Црквата.
Имено, на 30 октомври ќе се одржи судско рочиште на кое ќе се разгледува можноста за забрана на Киевската митрополија на Украинската Православна Црква, што би ја лишило целата Црква од нејзината централна управа и сите институции поврзани со неа. Државниот поход против Православието започна сериозно во август минатата година, кога парламентот го усвои, а претседателот Зеленски го потпиша законот за забрана на верски организации поврзани со Русија — закон за кој пратениците отворено признаа дека е насочен токму кон забрана на Украинската Православна Црква со седиште во Киев.
Во мај оваа година, врз основа на овој закон, Службата за етнополитика и слобода на совеста (ДЕСС) започна официјална истрага за структурата на Украинската Православна Црква, почнувајќи со Киевската митрополија. Во август, ДЕСС формално изјави дека Украинската Православна Црква и натаму е поврзана со Московската патријаршија, повикувајќи се на документи на Руската Црква и фактички давајќи им законска сила во Украина. Врз таа основа, ДЕСС поднесе тужба против Киевската митрополија, а судењето ќе започне на 30 октомври.
Во оваа ситуација, Почаевската лавра во неделата, на 12 октомври, го објави следново соопштение:
Браќа и сестри,
Во овие денови, кога светата Црква се соочува со искушенија, Духовниот совет на Свето-Успенската Почаевска лавра со радост објавува строг пост и засилена молитва на 28, 29 и 30 октомври.
Причината за тоа е судското рочиште што ќе се одржи на 30 октомври во врска со запирањето на активностите на Украинската Православна Црква, што може да ја засегне и судбината на нашето свето место.
Ги повикуваме сите — браќа, поклоници и верни чеда на Црквата — на искрена молитва кон Господа, молејќи за Неговата милост и застапништво.
Нека нашиот заеднички духовен труд биде жртва со која Господ ќе ја укрепи и зачува Својата света Црква и нашите свети места.
Почаевската лавра е, исто така, една од главните цели на националистичките власти и расколниците од „Православната Црква на Украина“. Минатата недела во манастирот беше спроведена „претресна акција“, а непознати лица се обидоа да ја заземат административната зграда на лаврата, но беа спречени од страна на семинариcтите.
