Претстоителот на Грузиската православна црква, Католикос-Патријархот Илија, по повод празнувањето на светиот апостол Андреј Првоповикан, а во светло на последните случувања во Грузија, упати повик за мир и молитва кон верните чеда на Грузиската православна црква. Неговото писмо го пренесуваме во целост.
Мои духовни чеда,
Последните настани во нашата земја јасно покажуваат дека секој од нас мора да ја преземе одговорноста за промовирање на мирот. Секој човек, без разлика на возраст, мора да се оддели од насилството и да разбере дека заострувањето на состојбата во овие тешки времиња претставува вистинска закана за главното достигнување на нашата земја – државноста и суверенитетот! Со тоа на ум, секој треба да ги насочи своите постапки кон оваа цел.
Исто така, за да се избегнат неконтролирани процеси, од суштинско значење е да се воспостави дијалог базиран на конструктивност.
Нашиот проблем денес е и тоа што не разбираме како се оддалечуваме од Бог и постапуваме спротивно на неговите заповеди; забораваме дека недостатокот на љубов, цинизмот и непочитувањето – што за жал станале навика кај дел од нашето општество – се уништувачки гревови. Ова се манифестира преку јазик на омраза и физичко насилство.
Со меѓусебна омраза, гнев и злоба, не можеме да решиме ниту една национална задача, а со тоа ќе нанесеме штета и на себе и на државата. Нашето христијанство завршува таму каде што завршува љубовта кон ближниот.
Целиот мој живот се молам за Грузија. И денеска, постојано го молам Господ да ни даде разумно и милосрдно срце. Сите ние сме обединети од љубовта кон нашата татковина; затоа ве повикувам: да се обединиме во молитва за добросостојбата на Грузија, за со Божја помош и внатрешен мир да можеме да ги донесеме правилните одлуки.
Заедничката молитва има голема сила. На нашите духовници во Грузија и странство им даваме благослов секој ден во 13:00 часот да ѕвонат со камбана и да одржуваат молебен на Пресвета Богородица. Исто така, го замолуваме верниот народ во Грузија и странство, покрај своите лични молитви, да се молат: „Оче наш“, 90-тиот псалм, „Отвори ни ја вратата на милоста“, „Богородице Дево, радувај се“ (3 пати), како и тропарите на свети Андреј Апостол, света Нина, свети Георгиј и свети Николај, и на крај: „Спаси го, Господи, твојот народ“.
Грузија е нераскинлив дел од европската цивилизација, и наша должност е да ја зајакнеме и развиваме националната држава заснована на нашето вековно христијанско духовно-културно наследство и традиционалните вредности.
Денес го славиме споменот на основачот на Грузиската Црква, свети Андреј Првоповикан, како и светиот крал Вахтанг Горгасали, и католикосите Петар I и Самоил I. Со нивното застапништво, како и со застапништвото на другите светители заштитници на Грузија, и преку посредништвото на Пресвета Богородица, нека Бог ја дарува нашата земја со единство, мир и благосостојба.
Секогаш се молам за вас,
Илија II
Католикос-Патријарх на цела Грузија
Митрополит на Мцхета-Тбилиси и на Бичвинта и Цхум-Абхазија13.12.2024


