Претстоителот на Украинската Православна Црква, Неговото Блаженство Митрополитот Киевски и на цела Украина Онуфриј, на 1 октомври 2025 година, по повод на Денот на бранителите на Украина упати поздравно слово.
Ова обраќање, објавено на интернет страницата на Украинската Црква, во продолжение го пренесуваме во целост.
Драги бранители и бранителки! Храбро украинско воинство! Драги браќа и сестри!
Во овој празничен ден ве поздравувам сите вас, кои секојдневно и секој миг го носите својот подвиг на одбраната на нашата татковина — родната и благословена Украина, и на целиот украински народ — со Денот на бранителите и бранителките!
Службата на војниците е тешка и одговорна, и ние ја цениме и ја почитуваме, зашто нашите храбри бранители и бранителки се луѓе кои стојат на стража над територијалниот интегритет на нашата Татковина и ја бранат секоја украинска душа во која Господ Седржителот вдахнал живот (сп. Јн. 33, 4).
Денес, во времето на воени искушенија, Украинската Православна Црква е со својата паства и со целиот народ на Украина. Свештенството и верните на нашата Црква, кои се неразделен дел од народот на Украина, без оглед на негативната пропаганда и отворената непријателство што се шират вештачки против нас, продолжуваат да трудољубиво работат за развојот и утврдувањето на украинската држава, служејќи во вооружените сили на Украина, извршувајќи волонтерска дејност, и давајќи свој придонес во медицинската, спасувачката, социјално-хуманитарната и други области од животот на нашиот народ.
„Секоја реч може да се побие со друга реч; но животот — со што ќе го побиеш?“ – вели свети Григориј Богослов. Затоа, драги верници на Украинската Православна Црква, моето слово сега е кон вас: нека нашиот живот, нашите дела, нашите молитви и нашиот придонес во одбраната на татковината, трудовите, служењето, потта и крвта на верните на нашата Црква, кои жртвено се предаваат во заедничкото дело на заштитата на нашата земја, зборуваат за нас.
Ние повторно укажуваме на исклучителната важност од обединување на украинското општество, зашто само во нераскинливо единство украинскиот народ е способен да работи за иднината на праведен мир, за чие настапување постојано се молиме на милостивиот Господ, Кој ги управува сите човечки дела и напори (сп. Ис. 26, 12). Секоја непријателска реторика или дискриминација на украинските граѓани, особено на верниците на Украинската Православна Црква, не придонесува за единство, туку за намерно разделување — од кое корист имаат само непријателите.
Додека денес ги поздравуваме нашите војници, да не ги заборавиме во нашите молитви и оние бранители и бранителки кои ги положија своите животи за животите на своите сограѓани. Му се молиме на Небесниот Отец да ги прими во прегратките на Авраам, Исак и Јаков — на место каде нема болка, тага и воздишки, туку вечен живот.
Драги бранители и бранителки на украинската држава! Ви упатуваме зборови на благодарност за вашето служење, за силата и истрајноста што секој миг ја сведочите, стоејќи во одбрана на целоста на нашата татковина и на нејзините жители од руската агресија. Нека Бог ви подари здравје и нека ве чува цели и неповредени! Веруваме дека благодарение на вашата храброст и напори, нашата земја ќе ги види времињата на мир и благосостојба.
Нека Божјиот благослов биде со сите вас и со нашата Украина!
Онуфриј
Митрополит Киевски и на цела Украина
