Со благослов на Неговото Преосвештенство, епископот Лондонски и Западноевропски Иринеј од Руската Православна Задгранична Црква (РПЗЦ), од 14 до 16 февруари 2025 година на Швајцарските Алпи се одржа собир на православната младина – известува интернет страницата на Великобританската и Западноевропска епархија на РПЗЦ. Настанот се одвиваше во одморалиштето што му припаѓа на Женевскиот храм „Воздвижение на Чесниот Крст“.
Собирот беше предводен од протојереј Емилијан Починок, клирик на овој Женевски храм, а присуствуваа повеќе од 40 млади луѓе од различни градови и земји. Собирањето беше можност за заедничка молитва, духовна дружба и зацврстување на христијанските пријателства. Покрај богатиот духовен програм, учесниците имаа можност да уживаат во зимските спортови и разни активности во прекрасните алпски предели.
На младинците им се придружи и свештеникот Антоан Барос, исто така од Женевскиот храм, кој го сподели своето лично патување во светата Православна Црква. Во текот на сите денови, учесниците имаа можност да поставуваат духовни прашања и да го продлабочат своето разбирање на верата преку разговори со свештенослужителите.
Посебен настан на собирот беше крштението на еден од учесниците – Јосиф, кој ја прими благодатта на светото Крштение непосредно пред почетокот на Божествената Литургија во Неделата на блудниот син.







Извор: https://orthodox-europe.org/content/alps-youth-retreat-and-baptism/
