Претстоителот на Православната црква на Молдавија (ПЦМ) ги повика властите на Република Молдавија да престанат со моралниот притисок врз Црквата. Во обраќањето од име на Синодот на ПЦМ, митрополитот Кишиневски и на цела Молдавија Владимир изрази длабока загриженост заради неодамнешната изјава на пратеникот на владејачката партија Василе Шојмару, според кој постои можност за забрана на дејноста на Митрополијата на Молдавија.
Митрополитот Владимир потсети дека Митрополијата на Молдавија е црковна институција со долга историја, која дејствува во согласност со каноните и православната христијанска традиција и има важна улога во духовниот, културниот и општествениот живот на молдавскиот народ. „Од формирањето на Република Молдавија, Православната црква на Молдавија е покрај граѓаните, залагајќи се за независноста и суверенитетот на нашата држава. Освен тоа, митрополијата секогаш ги поддржуваше добрите односи со нашите соседи, што, меѓудругото, се покажа и во првите денови од војната во Украина, кога Црквата беше една од првите што им помогна на украинските бегалци, сместувајќи ги во манастирите и обезбедувајќи им сѐ што им е потребно“ – се вели во обраќањето, кое е објавено на сајтот на митрополијата.
Како што нагласи претстоителот, сегашното законодавство предвидува дека пропагандата на верска омраза и верска нетрпеливост, пројавена со дејства што го попречуваат слободното остварување на религиозниот култ, е кривично дело и е казниво со кривичното право. „Според сите правни норми, промовирањето на идејата за укинување на култ според украинскиот модел е чин на верска нетрпеливост што се пројавува во јавниот простор“ – додаде тој.
Митрополитот Владимир потсети дека молдавската држава веќе била осудена од Европскиот суд за човекови права за слично дејство со непризнавање на правото на постоење на религиозен култ. Осврнувајќи се на законот за култови, тој истакна дека во него јасно стои: култовите се автономни од државата, еднакви се пред законот и не може да бидат дискриминирани. Според став 5 од член 15 од овој закон: „Државата ја признава посебната важност и првостепената улога на православната религија и соодветно, на Православната црква на Молдавија во животот, историјата и културата на народот на Република Молдавија.”
„Длабоко сме вознемирени од позицијата на некои владини институции кои се вклучени во заплашување на свештеници. Претставници на органите на редот доаѓаат во домовите на свештениците и ги принудуваат да потпишат различни нејасни изјави. Неколкумина архијереи и свештенослужители беа приведени на граничните контролни пунктови и беа подложени на темелни претреси без никаква основа. Денес врз Црквата се врши притисок како во советскиот период. Сѐ повеќе закани се упатуваат против Црквата и нејзините служители“ – се вели во обраќањето.
Митрополитот Владимир изрази уверување дека во правна држава, во која се почитуваат демократијата и слободата на вероисповед, не може да стане збор за забрана на верска институција која суштински придонесува за зачувување на вредностите и на националниот идентитет.
„Се обраќаме до државните власти со повик да престанат со моралниот притисок врз Црквата. Во спротивно, ако овие прогони не престанат, ќе бидеме принудени да ве поставиме лице в лице со верниот народ на Молдавија, за да им објасните, зошто со таков гнев ја напаѓате Црквата на нашиот народ“ – предупреди претстоителот на Православната црква на Молдавија.
Извор: https://traditia.md/segodnya-na-czerkov-okazyvaetsya-takoe-zhe-davlenie-kak-v-sovetskij-period