Православната Црква се простува од Грузискиот Патријарх Илија II

Пишува: Презвитер Анастасиос Гкоцопулос

Со длабока тага, но и со воскресенска надеж, Православната Црква се прости од еден од најзначајните претстоители на современото време, Неговото Блаженство Архиепископот на Мцхета и Тбилиси и Католикос-Патријарх на цела Грузија, Илија II.

Напишани се многу нешта за неговата личност и за неговиот придонес кон Црквата и грузискиот народ. Самото присуство на стотици илјади луѓе, кои молитвено чекаа да се поклонат на неговото тело и да му оддадат почит, ја потврдува вистинитоста на тоа.

Присуството на претставници од сите помесни Православни Цркви, а особено присуството на нивните поглавари: Цариградскиот Патријарх Вартоломеј, Бугарскиот Патријарх Бугарија Даниил, Архиепископите на Полска Сава, на Чешка и Словачка Ростислав и на Албанија Јован, сведочи за сеправославниот углед и прифаќање на Патријархот Илија, како и за неговиот придонес за единството на Православната Црква во светот. Беа присутни и претставници од скоро сите помесни Православни Цркви.

Од особено значење е присуството на Цариградскиот Патријарх, ако се има предвид дека Грузиската Црква за време на Патријархот Илија не ги прифати, туку им се спротивстави на важни избори на Цариградската Патријаршија и лично на Патријархот Вартоломеј.

а) Повлекувањето од Светскиот совет на црквите во мај 1997 година, по барање на клирот, многу монашки братства и верници, беше силна порака – православно сведоштво кон заедницата на помесните Православни Цркви. Грузиската Црква една година подоцна ја следеше и Бугарската Црква.

б) Не можеме да не ја споменеме и средбата што покојниот Патријарх Илија му ја приреди на папата Франциск, која, би се осмелиле да кажеме, беше пример за тоа како еден православен поглавар што ја почитува својата Црква и архијерејство може да го пречека папата, без да ја наруши црковната традиција и без да го соблазни верниот народ.

в) Исто така, многу значајно беше учеството на претставниците на Грузиската Црква на предсоборните сеправославни конференции за подготовка на Светиот и Голем Собор. Од записниците се гледа дека грузиските архијереи секогаш ја поддржувале црковната традиција и воделе силни богословски полемики. Важно е да се нагласи дека Грузиската Црква не го потпиша предсоборскиот текст за бракот, а по нејзино инсистирање беа објавени текстовите што се подготвуваа за Соборот, што предизвика бран реакции во православниот свет, особено околу текстот за „Односите на Православната Црква со другите христијански цркви и исповеди“.

г) Грузиската Црква, на крај, не учествуваше на Соборот на Крит, и со одлука од 22.12.2016 изјави дека „Одлуките и текстовите на Критскиот Собор не се обврзувачки за Црквата и потребна е нивна корекција или целосна замена“.

д) Вреди да се истакне дека Грузиската Црква задржа резерви и кон значајни делови од документот од Киети (2017) во рамките на богословскиот дијалог со Рим, особено во однос на приматот на епископот на Рим во првото илјадалетие.

ѓ) Конечно, Грузиската Црква не се согласи ни со доделувањето автокефалија на расколниците во Украина од страна на Цариградскиот Патријарх Вартоломеј и до денес не го признава Епифаниј.

И покрај овие несогласувања, личноста и авторитетот на покојниот Патријарх Илија го доведоа Цариградскиот Патријарх во Тбилиси да началствува на Опелото.

„Чувајте ги и држете ги со побожност советите и поуките на вашиот отец“, рече во своето слово Патријархот Вартоломеј, обраќајќи се кон грузискиот народ. Нека оваа поука ја послушаат сите православни, и клирици и мирјани.

Извор: https://eeod.gr/news/86735-i-orthdoxi-ekklisa-apochairet-ton-patrirchi-georgas-ila-v