Православната епископска конференција во Германија избра нов генерален секретар

На 7 март 2026 година православните епископи во Германија се собраа на 31 полно собрание на Православната епископска конференција во Германија. Во таа прилика Конференцијата му посака топло добредојде на епископот Венјамин од Бојарка од Украинската Православна Црква, викарен епископ на митрополитот Онуфриј Киевски и надлежен за црковните општини на Украинската Православна Црква во Германија. Тој, исто така, ќе учествува и на идните седници како набљудувач, како што објави Конференцијата на својата веб-страница.

Собранието се одржа во епархискиот центар на Српската православна епархија за Дизелдорф и Германија во Дизелдорф-Лихтенбројх. Под раководство на претседателот на Конференцијата, митрополитот Августин (од Цариградската Патријаршија), учествуваа претставници на грчките, српските, романските и украинските епархии, како и набљудувачи од Руската Православна Црква и од германската епархија на Руската задгранична Православна Црква.

Пред разгледувањето на точките од дневниот ред, епископите го избраа д-р Марко Вилотиќ, поранешен професор на Православниот богословски факултет при Универзитетот во Белград и советник на митрополитот Григориј (од Српската Православна Црква), за нов генерален секретар на Конференцијата. Тој го наследува епископот Јован Хумски, кој поднесе оставка.

Потоа комисиите, како и претставникот при седиштето на Сојузната влада, поднесоа извештаи за својата тековна работа. Протојереј Димитриос Кацианос, парох на црковната општина „Успение на Пресвета Богородица“ во Ројтлинген, беше избран за одговорен за меѓухристијанската соработка – како наследник на протојереј Константин Мирон.

На крајот, епископите разговараа за постапувањето во случаи на сексуално насилство. Тие усвоија „Насоки за постапување со сексуална злоупотреба“, како и „Деловник за работа“ на доверителен одбор под раководство на епископот Вартоломеј од Аријанц (од Цариградската Патријаршија)

Покрај тоа, Конференцијата им препорача на своите црковни општини да го следат повикот на германскиот сојузен претседател Франк-Валтер Штајнмајер за празнување на 23 мај 2026 година на 77-годишнината од донесувањето на германскиот Устав (поточно: „Основен закон“). Со мали или поголеми активности треба да се зајакне волонтерскиот ангажман.

Во недела, на 8 март 2026 година (втора недела од Великиот пост и празник на свети Григориј Палама), епископите отслужија Божествена литургија во црквата „Св. апостол Андреј“ во Дизелдорф-Хаселс. При таа прилика новиот генерален секретар д-р Вилотиќ го прочита „Великопосното послание на православните епископи во Германија за 2026 година“.

Извор: http://www.obkd.de/Presseinformationen/PM%20OBKD%20XXXI.pdf