Православни јурисдикции ја тужат сојузната држава Вашингтон поради закон што ја криминализира доверливоста на исповедта

Четири големи православни христијански јурисдикции поднесоа федерална тужба со која го оспоруваат законот на американската сојузна држава Вашингтон кој ја криминализира верската обврска на свештениците да ја зачуваат доверливоста на светата тајна исповед.

Тужбата, под наслов „Православна Црква на Америка против Фергусон“, беше поднесена во понеделникот во Окружниот суд на САД за Источниот округ на Вашингтон од страна на адвокатите кои ги застапуваат: Православната Црква во Америка, Антиохиската православна архиепископија на Северна Америка, Романската православна митрополија на Америка и Западноамериканската епархија на Руската задгранична Православна Црква. Тужител е и о. Тимоти Вилкинсон, свештеник на Православната Црква во Америка во црквата „Св. Лука“ во Чатарој, Вашингтон.

Секоја од овие православни јурисдикции во тужбата наведува дека има „верска должност да обезбеди нивните свештеници да ја зачуваат доверливоста на исповедта, а верниците под нивна грижа да имаат пристап до светата тајна исповед, спроведена во согласност со традициите и учењата на православната христијанска вера“.

Новиот закон на Вашингтон, донесен во мај, го прави кривично дело зачувувањето на доверливоста на исповедта од страна на свештениците, принудувајќи ги да изберат меѓу прекршување на нивните верски обврски или соочување со казни, вклучително и затвор до 364 дена, парична казна до 5.000 американски долари и граѓанска одговорност.

Законот го штити правото на доверливост во други случаи: меѓу адвокати и клиенти, поддржувачи, советници за сексуално насилство, и спонзори за рехабилитација од алкохол и дрога, но експлицитно ги исклучува свештениците од тоа право.

„Вашингтон ги таргетира свештениците, принудувајќи ги да ја прекршат светата доверливост на исповедта, додека ги заштитува другите доверливи комуникации“, изјави Џон Берш, висок правен советник на адвокатската канцеларија што ја поднесува жалбата. „Тоа е очигледна верска дискриминација.“

Православната Црква учи дека свештениците имаат строга верска обврска да ја зачуваат апсолутната доверливост на исповедта. Според „Упатствата за свештенството“ на Православната Црква на Америка, цитирани во тужбата, „Тајноста на светата тајна Покајание, дури и под силен притисок, се смета за неоспорливо правило во целата Православна Црква.“

Издавањето на исповедта, како што се наведува во тужбата, доведува до канонска казна за свештеникот, вклучително и до суспензија или дури разрешување од свештенички чин.

Црквите нагласуваат дека не се против пријавување сомнежи за злоупотреба на деца врз основа на информации добиени надвор од исповед, и посочуваат дека свештениците веќе се должни да ги пријавуваат таквите случаи според политиките на нивните епископи.

Сите 50 држави во САД, вклучително и Вашингтон, до сега традиционално ја почитуваат привилегијата на доверливост меѓу свештеник и верник, која е одамна признаена како дел од обичајното право.

Тужби и жалби против овој закон, помеѓу останатите, поднесе и Римокатоличката црква во САД.

Се смета дека овие тужби против Владата на САД за правото да дејствуваат согласност со канонските норми се многу важен настан. Како ќе заврши сето тоа е исклучително важно за иднината на православието во Соединетите Американски Држави, особено со оглед на тоа што овој случај претставува преседан во американското право.

На списокот на православните јурисдикции кои поднеле тужба не се наоѓа Грчката архиепископија на Цариградската патријаршија во Америка, иако нејзиниот претстоител, митрополитот Елпидофор, пред само еден месец стана член на Советодавниот одбор на религиозни лидери при Комисијата за верска слобода, во чии задачи спаѓаат: следење на состојбата на верската слобода во Соединетите Американски Држави, развивање механизми за нејзина заштита итн.

Извор: https://www.catholicnewsagency.com/news/264793/orthodox-churches-join-catholic-bishops-in-suing-washington-state-over-confession-law и https://orthochristian.com/170630.html