Православни организации во САД оформуваат центри за лечење од зависности

Братството „Св. Анастасија“ воспостави партнерство со организацијата „ФОКУС Северна Америка“ за започнување духовна иницијатива за поддршка на лица и семејства погодени од употреба на супстанции и од други зависности.

Братството „Св. Анастасија“ е православна служба посветена на духовна и молитвена поддршка на лица и семејства погодени од зависности, комбинирајќи го црковното предание, молитвата и современите пристапи на помош. „ФОКУС Северна Америка“ е православна хуманитарна организација која преку мрежа на центри низ САД им служи на сиромашните, бездомните и социјално загрозените, обединувајќи ги локалните заедници во дејствителна љубов и грижа.

Двете организации започнаа заедничка иницијатива во Кливленд, во сојузната држава Охајо, САД, за воспоставување нова редовна богослужбена и молитвена служба за лица погодени од зависности од супстанции и други форми на зависност.

Станува збор за редовна богослужба молебен канон заедно со светата тајна Елеосвештение. Службата ќе се извршува во параклисот „Св. Герман“ при центарот на ФОКУС Кливленд и ќе биде посветена на света Анастасија Узорешителница, која на грчки е позната како „Фармаколитрија“, односно „Избавителка од отрови“.

Организаторите истакнуваат дека Кливленд и поширокиот регион на североисточен Охајо се тешко погодени од опиоидна криза, при што многу семејства се соочуваат со распаѓање и тешки последици. Новата служба има за цел да понуди молитвено застапништво, духовно исцелување, помирување и чувство на заедништво.

Првата фаза од иницијативата предвидува редовно служење на молебен со читање молитви и спомнување на имињата на блиски лица на погодените, како и примање на свето Елеосвештение. Службата ќе биде отворена за сите жители, без разлика на верската припадност – се вели во известувањето на Американската Архиепископија на Цариградската Патријаршија, под чија јурисдикција ќе се одвива програмата.

Од „ФОКУС Северна Америка“ порачуваат дека ова е почеток на поширок модел на духовна поддршка, кој во следната фаза би можел да се надополни со организирани групи за заемна помош и заедничко закрепнување.

Извор: https://orthodoxobserver.org/saint-anastasia-fellowship-focus-north-america-launch-recovery-ministry-in-northeast-ohio/