Православните епископи од Обединетото Кралство: Бебето во утробата е човечки живот кој треба да се заштити

Во однос на претстојната дебата за Законот за криминал и полициско овластување во Обединетото Кралство, православните епископи во Англија објавија писмо со кое изразуваат протест против одредбата што дозволува абортус сè до раѓањето.

Епископите го бранат човечкиот живот од моментот на зачнување. Тие ги повикуваат членовите на Домот на лордовите да ја признаат вредноста и да го заштитат нероденото дете. Епископите, исто така, ја нагласуваат потребата од значајна поддршка за бремените жени, особено на оние кои се наоѓаат во тешки околности.

Писмото е потпишано од десетина православни епископи во Обединетото Кралство и претставува јасна и одлучна одбрана на животот и човечкото достоинство.

Следува целосен превод на писмото.


Абортус сè до самото раѓање во Предлог-законот за криминал и полициско овластување

Писмо од православните христијански епископи во Обединетото Кралство

Беџовите „Baby on Board“ кои ги носат трудниците во јавниот превоз, како и вниманието што им го укажуваат сопатниците, се знаци на надеж.

Беџовите ја потврдуваат реалноста дека бебето во утробата на мајката е човечко суштество кое заслужува љубов, грижа и заштита, исто како што и мајката заслужува љубов, грижа, заштита и активна поддршка од блиските, особено кога забременила во тешки околности.

Да се признава човечката природа на бебето – ако тоа е посакувано, а да се негира истата – ако не е посакувано, нема логика. Кога Домот на лордовите ќе гласа за членот 208 од Предлог-законот за криминал и полициско овластување во извештајна фаза во среда, 18 март, од членовите на Домот на лордовите ќе биде побарано да ја отстранат секоја законска пречка за самостојно извршен абортус во која било фаза од бременоста, од која било причина, вклучително и од причини поврзани со избор на пол, сè до самото раѓање.

Ние, православните христијански епископи кои служат во Обединетото Кралство, ги повикуваме членовите на Домот на лордовите да ја потврдат реалноста дека бебето во утробата е човечки живот кој треба да се заштити и дека жените заслужуваат подобро од самостојно извршен абортус до самото раѓање.

Се подготвуваме за големиот празник Благовештение на Пресвета Богородица, на кој православните христијани го слават зачнувањето на Исус Христос со зборовите: „Денес е почетокот на нашето спасение“, исповедајќи дека, преку Неговото зачнување, Бог стана човечко битие.

Не само православните христијани, туку секој што го гледа беџот „Baby on Board“, знае дека сите ние, како и бебињата во утробата, сме човечки суштества и дека абортусот, сè до самото раѓање, не е избор, туку смрт.

Бараме од членовите на Домот на лордовите да гласаат за амандманот 424 од г-ѓа Монктон за отстранување на членот 208 од Предлог-законот.

Архиепископ +Никита, Цариградска патријаршија
Митрополит +Атанасиј, Цариградска патријаршија
Митрополит +Силуан, Антиохиска патријаршија
Епископ +Матеј, Московска патријаршија
Архиепископ +Атанасиј, Романска патријаршија
Митрополит +Антониј, Бугарска патријаршија
Високопреподобен архимандрит Леонид Ебралидзе, Грузиска патријаршија

Извор: https://vema.com.au/orthodox-bishops-of-the-uk-a-baby-in-the-womb-is-a-human-life-to-be-protected/