Епископите на источните христијански цркви, кои претставуваат повеќе од 2,5 милиони верници во Велика Британија, излегоа со отворено писмо во кое ја повикаа Домот на лордовите да го отфрли предлог-законот за „Неизлечиво болни возрасни лица“, кој предвидува легализација на асистирано самоубиство за тешко болни возрасни лица. Оваа недела документот е во второ читање.
Меѓу потписниците се архиепископот Тиатирски и Британски Никита (Цариградска Патријаршија), архиепископот на Велика Британија и Ирска Силуан (Антиохиска Патријаршија), епископот Сурошки Матеј (Московска Патријаршија), епископот Нектариј на Велика Британија и Ирска (Српска Патријаршија), архиепископот Британски и Ирски Атанасиј (Романска Патријаршија). Заедничката изјава ја поддржаа и архијереите од Коптската, Ерменската, Маланкaрската, Украинската грко-католичка (унијатска) и Асирската католичка црква.
Во продолжение го пренесуваме ова обраќање во целост.
Ова е моментот кога Обединетото Кралство ќе одлучи дали секој човечки живот, секое човечко суштество, има вредност, или ќе одлучиме дека некои животи не вреди да се живеат.
Усвојувањето на овој закон би ги одвлекло ограничените ресурси од напорите за најдобра можна грижа за ранливите лица кои се соочуваат со долги и болни заболувања и би ги насочило кон понуда на начини за завршување на нивните животи. Ако го направиме овој чекор, ние фундаментално го менуваме нашиот општествен однос кон човечкиот живот. Мораме да обезбедуваме грижа, а не убивање.
Веќе го знаеме ефектот на слично законодавство во други земји. Во Канада, само девет години откако беше воведена „Медицинска помош при умирање“, беше укинато барањето смртта да биде „разумно предвидлива“, а од 2027 година асистираното самоубиство ќе биде дозволено само врз основа на ментално заболување. Во Орегон, САД, речиси половина од оние кои го завршија својот живот со асистирано самоубиство во 2024 година изразиле загриженост дека се товар на семејството, пријателите или негувателите.
Тука, во време кога, во преоптоварениот државен здравствен систем, постари и ранливи болнички пациенти веќе се соочуваат со неочекувани наредби „Да не се реанимира“ дури и при нетерминални состојби, може да бидеме сигурни дека воведувањето на легално лекарски-асистирано самоубиство ќе резултира со огромен притисок врз ранливите и старите лица во нашето општество. Правото да се умре брзо станува должност да се умре.
Ги повикуваме членовите на Домот на лордовите да го отфрлат овој трагичен и опасен закон.
