На 3 октомври, на Денот на германското единство, православните христијани во Германија го празнуваат Празникот на сите светители од германските земји. Повторното обединување на Источна и Западна Германија по падот на Берлинскиот ѕид може симболично да се разбере и како приближување меѓу Истокот и Западот во знакот на православната вера, која до поделбата по првото илјадалетие по Христа, го обележуваше и духовниот лик на германските земји.
На конференцијата на Руската Православна Црква (Московска Патријаршија и Руска Задгранична Црква), што се одржа вчера во Крефелд, Германија, архиепископот Тихон од Руса ја благослови новата икона на Соборот на светителите од германските земји. Таа отсега ќе биде изложена за поклонение во Катедралата на Воскресението Христово во Берлин.
Веќе во 2019 година, список од 78 светители кои живееле и се прославиле на територијата на денешна Германија беше одобрен од двете јурисдикции на Руската Црква во Германија. По тој повод беше нарачана икона со наслов „Собор на светителите од германските земји“. Од 3 октомври 2024 година, таа се наоѓа во скитот на Благовештението и св. Јустин во Унтеруфхаузен, кој е под јурисдикција на српскиот патријарх.
Во 2023 година, Синодот на Московската Патријаршија го внесе „Споменот на сите светители од германските земји“ во богослужбениот календар. Споменот беше одреден за 3 октомври – Денот на германското единство, или за најблиската недела до тој датум. Во соборот се вклучени следниве светители:
* Светиот епископ-маченик Бонифациј, архиепископ од Мајнц, просветител на Германија (754 г.)
* Светиот епископ-маченик Ауреј, епископ од Мајнц (436 г.)
* Светиот маченик Маврикиј и неговите соборци: Герон, Касиј, Флорентиј и други воини (околу 300 г.)
* Светата маченичка Афра од Аугсбург (304 г.)
* Светиот епископ Максимин, епископ на Трир (347 г.)
* Светиот епископ Матерн, прв епископ на Келн (IV век)
* Светиот епископ Корбинијан, прв епископ на Фрајзинг (725/730 г.)
* Светиот епископ Вилиброрд, архиепископ на Утрехт (739 г.)
* Светиот епископ Бурхард, епископ на Вирцбург (753 г.)
* Светиот епископ Ансгар, архиепископ на Хамбург (865 г.)
* Светата Лиоба од Бишофсхајм (728 г.)
* Светата Валбурга од Ајхштет (779 г.)
На веб-страницата на здружението „Германскојазично православие во Централна Европа“ е напишано:
„Светителите од првите осум века на западна Европа им припаѓаат на сите христијани заедно: нивното почитување ја поттикнува вистинската екумена и ни помага нашата обесхристијанета земја повторно да ја приведеме кон Црквата.“
Тропар и кондак на сите светители од Германија
Тропар (глас 4):
О вие епископи, маченици, монаси, праведници и сите светители,
кои се прославивте во германската земја,
кои со својата крв, вера, дела на побожност и љубов,
со своето слово и живот му угодивте на Бога,
вие се овенчавте со венци на нераспадливост и слава,
молете Му се на Христа, нашиот Бог,
да ѝ подари мир на нашата земја
и спасение на нашите души.
Кондак (глас 4):
Вие живеевте на земјата богоугодно,
засветливте во германската земја како светители,
сега се радувате на небесата со ангелите
и ја прославувате Светата Троица —
Отецот, Синот и Светиот Дух во едно Божество.
Ние, земнородните, ве воспеваме и го славиме вашиот спомен,
и ги принесуваме нашите молитви преку вас
на Семоќниот Бог,
та по вашето застапништво да ни дарува мир и спасение на нашите души.


